На новинарска констатација дека беше позната по фразата дека „сè е согласно Уставот и законите“, а во реалноста многу работи беа согласно законот на партијата, поранешната министерка за внатрешни работи одговара: „Во Македонија влијанието на сите партии е сè уште многу големо и тоа е факт“
Гордана Јанкулоска, која беше министерка за внатрешни работи во владите на Никола Груевски речиси девет години – од август 2006 г. до мај 2015 г., во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 дадено за време на последното законски дозволено отсуство од „Идризово“, меѓу другото, одговара на прашања за времето додека беше функционерка.
360°: Фотографијата од Вашата неодамнешна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги врати на социјалните мрежи репликите и дијалозите од прислушуваните разговори во кои се слуша вашиот глас: ’За уши, Циган по Циган ќе ги вадиме’, за тоа како за МВР велите МВРО-ВМРО, за тефтерчето на Гордана од кое се бираа судии и обивинители… Од денешна дистанца, дали се каете за работите што се случуваа во тој период кога бевте министерка за внатрешни работи?
Јанкулоска: „Разговорите кои беа пушатни во јавност беа ставени во дневнополитички контекст и тоа сегменти од комуникација на кои требаше да им се даде одредена содржина или одредеа насока врз која тогашната опозиција градеше напад кон тогашната влада и градеше сопствени позиции за општествено-политичките случувања. Мислам дека на сите им е јасно дека ако некого следите повеќе од 700 дена и ако имате повеќе од 150 илјади смс-пораки, 15 илјади телефонски разговори, многу лесно е да извадите делови од приватна комуникација и да ги ставите во контекст, ама баш каков што сакате.“
Јанкулоска: „Во мојот дел на работата секогаш настојував да дадам максимум од себе и навистина не се штедев по однос на тоа колку енергија давав, дали треба да се калкулира заради сопствен политички интерес… Напротив, јас секогаш се обидував да извлечам максимум од себе и не гледам за што би се каела. Но, генерално, гледано од дистанца, сите случувања во тој период, можеби дел од нив не ми биле до крај јасни, доколку сум се заинтересирала на поинаков начин, можеби ќе имало простор да одржам дистанца од одредени настани…“
360°: Но, можело ли да не ви бидат јасни?
Јанкулоска: „Па, да, зашто кога на дневно ниво сте инволвирани во одредени случувања, барем за мојот случај, можам да ви кажам дека сум била фокусирана на она што е примарно, најактуелно парашање во тој ден. Знаете, освен тие ургентни прашања се случувале и многу други работи кои ви избегале од фокусот. Би сакала да потенцирам дека не е исто да сте министер за внатрешни работи, со таков тип на динамика и такви проблеми со кои се соочувате, и да сте функционер од вториот, третиот ешалон кој има поотворено поле и повеќе мир да ги анализира работите. Јас не барам оправдување со ова, можеби можело поинаку да се организраат работите, но сега сето тоа е завршено. Единствено што можам е да гледам напред“.
360°: Бевте позната по фразата „сè е согласно Уставот и законите“, но имаше работи кои беа во согласност со законот на партијата и мислам дека со тоа не може да не се согласите?
Јанкулоска: „Во Македонија влијанието на сите партии е сè уште многу големо и тоа е факт – некогаш е повидливо, некогаш е помалку видливо, но она што денес се случува со јавната администрација не може да се мери со ништо што се случувало во минатото“.
360°: Денес медиумите се послободни, во ваше време имавте ставено рака на речиси сите мејнстрим медиуми.
Јанкулоска: „Не знам кој имал ставено рака, јас никогаш не сум одбила интервју од кој било медиум, никогаш не сум се воздржала од одговор на кое било прашање…“
360°: Не е така, тешко се доаѓаше до вас.
Јанкулоска: „Немало тематска прес-конференција, како што денес има, и немало исклучување на некои медиуми од одредени настани, барем во делот на мојот ресор. За другите ресори има кој да зборува. Од моја перспектива, јас тогаш гледав да ја испочитувам јавноста зашто граѓаните се оние кои нас нè бираат и да одговорам на сите прашања, без оглед на тоа дали одговорите ќе им се допаднат на оние што ќе ги чујат и без оглед на тоа дали мене ми се допаѓале прашањата“.
360°: Бев активен новинар во тоа време и до вас тешко се доаѓаше, како и до другите министри и функционери. Тоа со сигурност го велам. Сега е малку поразлично во тој дел, сепак институциите се потранспарентни.
Јанкулоска: „Ако е така, сепак, вие работите во тој сектор, тоа е добро. Добро е и за опозицијата, добро е и за власта…“
360°: Очигледно е и дека опозизицијата го има своето место во медиумите.
Јанкулоска: „Знаете, одговорноста пред медиумите е одговорност пред граѓаните, така што, колку е поголема транспарентноста, толку е подобро функционирањето на државната администрација – да се отвори просторот таму каде треба да се критикува и да се даде одобрение онаму каде има добри политики.“