Скопска апелација е судот во кој завршуваат сите жалби за одлуките на скопскиот кривичен суд, што значи и сите жалби за предметите на СЈО и другите големи случаи како оној за настаните од 27 април. Во овие предмети, судиите во Апелациониот суд досега одлучуваа главно за жалби за притвори и за статусот на бомбите како докази. Но, како што Кривичен ќе почне да ги изрекува првите пресуди, така и тежината на одлуките за судбината на поранешни премиери, министри, дитектори, началници, ќе се префрла кај повисокиот суд.
Пред да стигнат првите жалби по првостепените пресуди, Апелација ќе добие нов претседател. Изборот треба да се случи наскоро, а во трката се 14 судии. Извесно е дека кој и да биде избран го чека голема одговорност. Но, пред воопшто да се случи изборот, проблем е што не се знае кои критериуми ќе бидат одлучувачки за тоа.
До скоро Судскиот совет унапредуваше според Законот за судови, кој е системски закон и се носи со двотретинско мнозинство во Собранието. Изборот редовно паѓаше кај судијата со најмногу бодови, кои се добиваа според бројот на решени предмети кои не паднале пред повисоките судови.
„Основен критериум е добиениот број на бодови, а другите критериуми што се наведени таксативно, меѓутоа не се бодуваат се во законот за судски совет и не можат тие критериуми да се применат при вршењето на избор на судии.“- изјави претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски на 06.10.2017 година.
Но, при последниот избор на судии во ноември, Судскиот совет без образложение ја смени праксата. Наместо законот за судови поважен им стана законот за судски совет, кој патем е подреден закон и се носи со просто мнозинство. Со тоа и бодовите – од главен услов за избор, наеднаш станаа неважни, а во прв план излегоа критериуми кои не можат објективно да се оценат, како на пример, углед на судија или менаџерски способности. Сега ниту претседателот на Судскиот совет веќе не кажува по кој критериум ќе се води.
„ П: По кој критериум ќе се водите сега при изборот, затоа што некогаш пресудно е оние кандидати што имаат најголем број на бодови а друг пат расположението на членовите?
Значи, јас лично сум еден од членовите иако сум претседател и моето право на глас е еднакво како и на останатите 13 члена и не можам дадам одговор во име на целиот судски совет.
П: Вие, од што ќе се водите?
Јас ќе се водам од Устав, Закон и од квалитет на кандидатите“- кажа Караџовски одговарајќи на новинарски прашања минатата недела
Ситуацијата е нејасна и за кандидатите за претседател на Апелациониот суд во Скопје и за Здружението на судиите кое побара објаснување од Судскиот совет по последниот контроверзен избор.
„ Досега немаме никаква реакција, можеби они имаат друг пристап во тој наш повик. Можеби тој став ќе си го искажат при наредното одлучување за наредните избори“- вели претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити.
Според Саити, важно е во пресрет на следниот избор да се знаат критериумите.
„ При унапредувањето секогаш има одредени незадоволства од страна на судиите…Но, од друга страна со право колегите кои сметаат дека се обесправени реагираат и бараат некакви гаранции… Ние во оваа ситуација сме особено внимателни затоа што однадвор не знаеме кој колега со кои параметри располага во однос на математичките прогресии за унапредување и затоа ние, нашиот повик го упатуваме како општ- во однос на почитување на тие правила.“
Во неформалните разговори кои 360 Степени ги направи со неколку членови на Судскиот совет, не добивме впечаток дека во ова тело е разговарано на темата. И на официјално поставеното прашање – има ли Советот изграден став, не добивме директен одговор туку цитати од различни одредби, што имплицира дека при следниот избор, секој член на Советот ќе си гласа по свое убедување.
„ Советот гласа за прворангираниот кандидат на листата и доколку истиот не го добие потребниот број на гласови, се преминува на гласање за следните кандидати од ранг листата. Кандидатот кој добил 2/3 гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас е избран за претседател на суд.“- се вели во дел од одговорот на Судскиот совет на прашањата од 360 Степени.
Конкретната одредба на која сега се повикува Судскиот совет ја нема ниту во Законот за судовите ниту во Законот за Судскиот совет, туку во Деловникот. Повикувањето на понизок акт, занемарувајќи го повисокиот, е показател за „креативно“ толкување на одредбите, зависно од потребите.
Токму поради таквото креативно толкување, последното унапредување на судии беше критикувано и од домашната и од меѓународната јавност. Во меѓувреме, беа направени измени на Законот за судскиот совет. Но, новите одредби, иако треба да обезбедат поголема транспарентност при одлуките за избор, не помагаат во разјаснување на дилемата – кои треба да бидат правилата на игра при унапредување судии.
Сега се предвидува гласањето наместо тајно да биде јавно, а секој член на советот ќе мора да објасни зошто гласал така како што гласал. За Здружението на судии измените се напредок кон пофер натпревар, но не и конечно решение.
„ Прашањата се децидно уредени во законот каде што се наведува дека се избира тој што е прв на бодовната листа. Ние вчера повторно имавме Управен одбор и меѓу точките беше и разгледување на некои закони, имаше и една реакција од типот, доколку оди тој што е прв на ранг листата дали тоа значи дека законот го избрал а не членовите на Судскиот Совет. Може и на тој начин да се протолкува но може и на друг начин затоа што ако таа бодовна листа ја креирале членовите на судскиот совет согласно параметрите за оценување тогаш они при креирањето на бодовната листа го искажале своето мислење. Така што, мислам дека не е тоа голем проблем.“- изјави претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити.
По кој критериум ќе се водат членовите на судскиот совет при следното унапредување, ќе следат и многу други судии. Освен претседател во скопска Апелација, Судскиот совет треба да избере и претседател во Основниот суд во Дебар. Голема битка ќе има и за отворените место за еден врховен судија, за тројца судии во скопска апелација и за едно место во апелација Битола.
Напишете коментар