„Ниту еден криминал, барем досега, не останал закопан длабоко, секогаш излегува на површина, никогаш не останува под тепих и прашање на време е само кога ќе излезе на површина. Така што, со овие предмети што ги работиме сега и коишто ги доставуваме до обвинителството, испраќаме порака и до актуелните функционери дека кога-тогаш, што и да прават, какви криминали да прават, ако евентуално ги прават, ќе излезат на површина“, вели директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Колку вашиот личен партиски бекграунд, вие сте кадар на ВМРО-ДПМНЕ, бевте советник во општинскиот совет во Кавадарци во два мандата, бевте член на раководството на Унијата на млади сили, колку тоа ви дозволува непристрасно да ја извршувате функцијата директор на Управата за финансиска полиција?
Ивановски: Значи, словото на законот не признава односно не познава религиозна припадност, партиска припадност. Јас, како правник, секогаш сакам да се држам до словото на законот, вклучително сите овие случаи коишто сега ги вадиме како пријави односно ги доставуваме до Јавното обвинителство, значат и порака до актуелните функционери. Ниту еден криминал, барем досега, не останал закопан длабоко, секогаш излегува на површина, никогаш не останува под тепих и прашање на време е само кога ќе излезе на површина. Така што, со овие предмети што ги работиме сега и коишто ги доставуваме до обвинителството, испраќаме порака и до актуелните функционери дека кога-тогаш, што и да прават, какви криминали да прават, ако евентуално ги прават, ќе излезат на површина. Интенцијата и намерата ми е да создадеме систем во Финансиската полиција и во другите институции кој ќе биде имун на субјективна волја и на човечки фактор, односно дали на чело на таа институција ќе биде Слободан или Васко, да биде небитно. Битното односно важното да биде да постапува таа институција секогаш кога има индиции, кога има сознанија, кога има материјални докази за сторен криминал да мора да постапува.
360°: Реално, возможно ли е тоа? Затоа што вас ве именува Владата, односно премиерот и министрите. Како ќе гоните некого од нив, ако треба, ако вашето место зависи од премиерот и министрите?
Ивановски: Желбата и на премиерот, и на Владата, и на Министерството за финансии, на министерката е секој криминал што ќе се случи, да биде санкциониран. Впрочем, кажав и претходно, селективноста и непостапувањето на нашите органи ја убива правдата. Мораме да го смениме тој начин на функционирање. Јас би бил среќен и би бил сведок кога во иднина, сакаме и вие да бидете сведоци, ќе излезат и предмети во коишто ќе бидат опфатени и функционери од владејачката партија.
360°: На 12 февруари, пред околу 20 дена, премиерот и неколку министри беа во Кавадарци да промовираат локални инфраструктурни проекти, колоквијално кажано – да сечат ленти. На дел од видеата и фотографиите ве видов и вас во придружба на таа екипа. Дали, според вас, местото на директор на Управата за финансиска полиција е таму и во такво друштво?
Ивановски: Јас доаѓам од Кавадарци, потекнувам од таму, бев поканет на сечење лента на тие проекти и во тоа својство, односно таму сум во својство на граѓанин на Кавадарци, не во својство на директор на Финансиска полиција.
360°: Треба ли, според вас, во иднина да избегнувате присуство на такви настани?
Ивановски: Значи, можам да размислам на таа тема. Но, јас сакам и граѓанското, односно својството на граѓанин да не го изоставувам од мојата функција.
360°: Тоа го поврзувам со претходните прашања – утре ќе бидете во позиција можеби да отворате предмет за некој министер, за премиер, зад коишто стоевте додека даваа изјава, затоа ве прашувам.
Ивановски: Ве разбирам, ве разбирам потполно.