„Да немаше дивоградби од Струмица до Струга, немаше да има потреба да се донесе закон за легализација. Граѓаните во Чаир не направиле ништо повеќе од тоа што го направиле на ниво на Скопје и на ниво на Македонија“ – одговара лидерот на партијата Демократско движење и ексградоначалник на Чаир, кој до неодамна беше дел од ДУИ
360°: Што мислите дека ве прави различни од ДУИ? Вие лично, господине Меџити, сте долго во политиката. Од 2005 до 2017 сте градоначалник на Чаир, пратеник, висок функционер во меѓувреме. Тоа троши – и политички и од аспект на корупција. Зошто на Изет Меџити да гледаме различно од Артан Груби? Особено што Артан Груби не бил на позиција толку долго како вие.
Меџити: А, замислете да беше толку долго во политиката, во каква состојба ќе беше ДУИ или, пак, политичката ситуација? Тоа што можам да го кажам е дека Албанците во Македонија од 2012 година наваму сакаат промени. И тоа е здраво за демократијата и процесите. Факт е дека не бил проблемот кај народот, кај способноста на власта, туку неспособноста на опозицијата, која не била унифицирана, не излегла со заедничка платформа. И сакам да придонесам во овој дел за да дојде до промената за Албанците во Македонија. Но, без да се направи промена кај ДУИ, не може да има промена кај Албанците, бидејќи тие имале повеќе од 50 отсто од гласовите…
360°: Да ве потсетам на коментарот на господинот Ахмети даден во интервју за „360 степени“ – кога го прашав зошто дозволи едно негово политичко чедо, како Изет Меџити, да си оди од ДУИ, тој рече: „Па, сега кога Меџити зборува против ДУИ е исто како кога ќе плукнете нагоре, плунката ќе ви падне в лице“, сакајќи да каже дека сега кога Меџити зборува за тоа дека ДУИ е криминализирана, дека има корупциски скандали, не може да се изземе себеси од сето тоа?
Меџити: Tоа што се случува во ДУИ, ова не се случувало последниве 20 години, не го велам јас, туку медиумите…
360°: Дали мислите дека медиумите се заслужни за тоа? Ние 20 години речиси да не се занимававме со афери, бизнис-интереси на ДУИ. Не дека ги немало. Еве, на пример, деновиве се појави еден податок дека Општина Чаир, сега под раководство на господин Ганиу, а и во ваше време, со две фирми, со ист сопственик, има склучено договори вредни повеќе од 15 милиони евра.
Меџити: Порано во ДУИ функционираа органите, функционираше дебатата ’про и контра’ и имаше коректор или опозиција внатре во ДУИ која спречила многу процеси. Жал ми е што со паметот на г. Груби, г. Ахмети дојде до ова дереџе за да се споменува секој ден за коруптивни афери кои не биле карактеристика на ДУИ во минатото…
360°: Одговорете ми за двете фирми – „Енергоинвест трејд“ и „Бауер БГ“ за кои се појави информација дека и во вашите мандати и сега, а имаат ист сопственик, се склучени бројни договори за голем износ за еден општински буџет.
Меџити: Да одговорам, бидејќи беа две прашања, ова е потпрашање. Тоа што сакам да кажам е дека во овие сомнителни бизниси, зборувам со одговорност, казина, легализирање на лихварството и некои други, ДУИ никогаш не била инволвирана во минатото.
360°: Добро, била во други бизниси, во градежништво…
Меџити: Ова се девијантни појави кои носат…
360°: Може ли да ве прашам, чиј изум е да се гради без одобрение во општина Чаир и да се легализираат тие дивоградби со тоа што ќе се заведуваат под стари архивски броеви. Чиј изум е тоа?
Меџити: Ме дефокусиравте, сакав да одговорам на првото прашање, во однос на сегашната кампања, затоа што контролираат медиуми, портали… За тендерот од 16 милиони евра, се однесува на плоштадот „Скендербег“ кој има над 15 години, средства на Владата на Македонија, а се пуштени во буџетот наменети за конкретен проект. Во однос на фирмата, таа и денес гради, сега го реновира и обвинителството, тие се фирми со сериозни капацитети. Во однос на Општината, мислам дека доволно сум бил таму, три мандати, и немам никакво кривично дело во овие 20 години како градоначалник на Општина.
360°: Што не значи дека не се случило, можеби не е откриено. Што ако се докаже дека навистина имало злоупотреба на стари архивски броеви за легализација на нови дивоградби?
Меџити: Во однос на дивоградбите, на ниво на Република Македонија има над 500 илјади и ако го додадеме и бројот на жители, тогаш излегува дека секое семејство е инволвирано во дивоградбите. Дивоградбите биле и во времето кога биле во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а не на општините и потоа продолжиле. Фактички ви објаснувам дека затоа на ниво на Македонија неколкупати е донесен закон за легализација. Да немаше дивоградби од Струмица до Струга, немаше да има потреба да се донесе закон за легализација. Граѓаните во Чаир не направиле ништо повеќе од тоа што го направиле на ниво на Скопје и на ниво на Македонија…