Списокот е скандалозно краток. На него има само 23 правни лица. Од поголемите градови, ако сте од Тетово или од Прилеп, нема што да читате. Во вашиот град не би требало да има ноќен клуб, кабаре или дискотека
Оваа бројка од 23 лиценци е ажурирана. До вчера, регистарот покажуваше само 12 правни субјекти кои имаат лиценца ноќен клуб, кабаре или дискотека
Додека трае и истрагата и дебатата во јавноста, како е можно кабарето „Пулс“ во Кочани да работело без лиценца и никој да не знае за тоа сè додека во него не загинаа 59 лица, Министерството за економија излезе со ажуриран податок – колку објекти низ државата, всушност, имаат важечка лиценца за кабаре, ноќен клуб или дискотека.

Списокот е скандалозно краток. Ако се знае дека рокот на важност на овие лиценци е една година, според јавно објавениот регистар има само 23 важечки лиценци. Иако тоа е повеќе од вчерашниот неажуриран список на кој имаше 12 лиценци, бројката сепак е многу, многу ниска.
Кои се клубовите кои имаат лиценца, според јавно објавениот ажуриран регистар? Еве ги сите во редовите подолу. Прво е датумот на издавање, а како што веќе потенциравме, рокот на секоја лиценца истекува за една година од издавањето:
датум на издавање на лиценца | вид на лиценца | подносител | име на клуб | адреса |
11.04.2024 | Kабаре | ТРОПИКАЛ КАФЕ ДООЕЛ Охрид | ХАНГАР | ул. „Стив Наумов“ бр. 134 – Охрид |
02.04.2024 | Диско-клуб | СПАЈДЕР МУЛТИПЛЕКС ДООЕЛ Гевгелија | ДЕ ФАКТО | ул. „Вардарски Рид“ бр. 20 – Гевгелија |
02.04.2024 | Kабаре | КАБАРЕ ВИС 44 ДООЕЛ Делчево | ВИС 44 | ул. „Светозар Марковиќ“ бб. – Делчево |
11.06.2024 | Диско-клуб | КС ФЕЛИЦИЈА ДООЕЛ Битола | ГОЛД ФЕЛИЦИЈА | ул. „Новачки пат“ бр. 14 – Битола |
20.05.2024 | Kабаре | ВОИД КЛУБ ДООЕЛ Кичево | ВОИД КЛУБ | ул. „Рудничка“ бр. 1А – Кичево |
11.06.2024 | Диско-клуб | ЅИУЛЕНД ДОО Битола | ХАШ | ул. „Широк сокак“ бр. 162 – Битола |
20.05.2024 | Kабаре | КЛИКУЕ ДОО Штип | Кликуе | ул. „Д-р Слободан Јовановски“ бр. 2 – Штип |
12.06.2024 | Kабаре | КОМПАКТ 2019 ДООЕЛ Виница | Компакт 2019 | ул. Населено Место Без Уличен Систем бр. 2015 – Градец Виница |
20.06.2024 | Kабаре | ЕЛ – ЕМ ДООЕЛ Охрид | КЛУБ МИНУС 1 | бул. „Туристичка“ бр. 1 – Спортска сала Охрид |
27.11.2024 | Диско-клуб | Индустриал ДООЕЛ Струмица УП-1-13-286 27.11.2024 | ИНДУСТРИАЛ ГРУП | ул. „Глигор Новаков“ бр. 14 – Струмица |
09.10.2024 | Диско-клуб | ТРИВИУМ КЛУБ 21 ДООЕЛ Ново Село | ТРИВИУМ 21 | ул. „Климент Охридски“ бр. 53 – Струмица |
27.11.2024 | Kабаре | Т-Компани 2022 ДООЕЛ Куманово | Т-Компани | ул. „Плоштад Маршал Тито“ бр. 10 – Куманово |
27.01.2025 | Kабаре | ТП Тарантино Клуб ТП Мартинн Александар Стојанов Велес | Тарантино | ул. „Благој Ѓорев“ бр. 59 – Велес |
27.11.2027* | Kабаре | ДПТУ КС ФЕЛИЦИЈА ДООЕЛ Битола | ГОЛД ФЕЛИЦИЈА | Ул. „Новачки пат“ бр. 14 – Битола |
27.11.2024 | Kабаре | МАРИО ДООЕЛ Битола | Марио | ул. „Партизанска“ бр. 21 – Битола |
27.11.2024 | Кабаре | КЛУБ ЕНИГМА ДОО Куманово | Клуб Енигма | Ул. „Иво Лола Рибар“ бр. 128 – Куманово |
29.01.2025 | Kабаре | Станица 26 ДОО Скопје | Станица 26 | ул. „Јордан Мијалков“ бр. 29 – Скопје |
29.01.2025 | Kабаре | Станица 26 ДОО Скопје | 12:12 | ул. „50-ТА Дивизија“ бр. Локал 6 – Скопје |
03.02.2025 | Kабаре | Паблик Плејс ДОО Куманово | Дарк | ул. „Ленинова“ бр. 23 – Куманово |
27.01.2025 | Kабаре | Балкан Централ ДОО Кавадарци | Централ | ул. „Плоштад Маршал Тито“ бр. 1 – Кавадарци |
30.01.2025 | Диско-клуб | АБ – Роше Инвест ДООЕЛ Охрид | АБ-РОШЕ | ул. „Железничка“ бр. 10 Зграда 1 Приземје – Охрид |
30.01.2025 | Kабаре | Пријателство ДОО Охрид | Пријателство | ул. „Партизанска“ бр. 2 – Охрид |
24.01.2025 | Kабаре | Старс Клуб ДООЕЛ Охрид | Старс Клуб | ул. „Железничка“ бр. 114 А – Охрид |
*датумот е според регистарот на Министерството за економија, веројатно печатна грешка
Од списокот е јасно дека во најголемиот град на земјава, кој има над 500 000 резиденти, лиценца имаат само два клуба – „Станица 26“ и „12:12“. Тоа значи дека сè друго што работи по еден часот по полноќ во петок и во сабота, работи на диво.
Најмногу лиценци има Охрид. Вкупно пет. Па следува Битола со четири, па Куманово со три. Другите, можете и сами да ги разгледате.
Куриозитет е и што додека има лиценца за ноќен клуб во Ново Село, нема ниту една важечка лиценца во неколку поголеми градови како: Прилеп, Тетово, Струга, Радовиш, Гостивар и, се разбира, Кочани.
Овој регистар го води Министерството за економија, кое, пак, е дел од Владата. А Владата нареди целосна контрола на дејноста по завчерашниот пожар во Кочани.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, денеска кажа дека вчера и завчера Државниот пазарен инспекторат извршил 50 контроли. При тие контроли им биле презентирани 22 лиценци со рок на важност и 15 со истечена важност. На некои места немале никакви лиценци. По градови, контролирано е:
- Во Скопје 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци (за кабаре), 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца;
- Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре;
- Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци;
- Во Струмица има 4 објекти: 2 со важечки лиценци за диско-клуб, 1 со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а 1 со истечена лиценца;
- Во Гевгелија имаме еден објект со истечена лиценца;
- Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб;
- Во Битола има четири објекти – три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор;
- Во Прилеп има два објекти, и двата се со истечени лиценци;
- Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца;
- Во Велес има еден објект со важечка лиценца за кабаре;
- Неготино еден објект со истечена лиценца;
- Во Охрид има четири објекти – два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца;
- Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре;
- Во Гостивар има еден објект со истечена лиценца и
- Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.
Денеска, Државниот пазарен инспекторат дополнително ги проверувал сите 22 објекти кои покажале валидна лиценца – дали ги исполнуваат техничките услови кои се потребни за да ја добијат лиценца. На другите им е ставен клуч на врата.
„За сите други објекти, со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност, за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца“,
изјави Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ.
Дека во Скопје се работи без лиценци, и тоа со амин од Државниот пазарен инспекторат, не може да биде нова и непозната информација. Има и писмени докази за тоа.
Уште лани, во февруари, Државната комисија за спречување на корупцијата затворила предмет по кој препорачала дисциплински постапки за инспектори во Државниот пазарен инспекторат. По анонимна пријава, Антикорупциска собрала документација од повеќе институции и заклучила дека пазарните инспектори често фаќале угостители без лиценци, но наместо да им ги затворат објектите, им пишувале само казни. Казните биле плаќани, а работата си продолжувала.