Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, во изјава за „360 степени“, вели дека тоа што премиерот ја прекинал изјавата е џентлменски потег кон дама на која ѝ се слошило

Дали е сè во ред, праша премиерот Христијан Мицкоски среде изјава за медиумите во Прилеп откако во заднина очигледно му се слоши на некој од присутните.
Премиерот, кој во моментот одговараше на новинарско прашање за тоа дали Владата размислува за набавка на нови воздухоплови за гаснење пожари, ја прекина изјавата, се сврти странично за да види што се случува и побара на една од присутните да ѝ се даде вода.
Другите присутни коментираа дека има многу луѓе и побараа да се исклучат камерите, по што прекина владиниот пренос на настанот на „Јутјуб“.

Кратко потоа видеото од преносот беше комплетно отстрането од „Јутјуб“, но по некое време претпладневните изјави од Прилеп повторно се достапни на владиниот јутјуб-канал, но само до моментот на прекинот.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, во изјава за „360 степени“, вели дека тоа што премиерот престанал да зборува е негов џентлменски потег кон една дама.
„Ништо страшно, ѝ се слоши на една од присутните. Се даде вода, по триесетина секунди состојбата се нормализира. Не знам точно што беше причината, но ништо страшно“,
вели Проданоски.
Мицкоски во Прилеп денеска изврши увид во градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Кузман Јосифовски“ и во изградбата на кружниот тек кај мостот „Табана“. По настанот, изјави за медиумите дадоа тамошниот градоначалник Дејан Проданоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и премиерот Христијан Мицкоски кој не го доврши одговарањето прашања.
