„Од под урнатините се извлечени осум тела, две лица се во болница, но состојбата на едно лице е многу сериозна и му е ампутирана ногата. Во контакт сме со две лица под урнатините. Во моментов се работи на нивно извлекување. Ќе видиме што уште ќе најдеме под урнатините“, рече српскиот министер за внатрешни работи
Осум тела се извлечени од под урнатините во несреќата на Железничката станица во Нови Сад, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, информира Н1.
„Од под урнатините се извлечени осум тела, две лица се во болница, но состојбата на едно лице е многу сериозна и му е ампутирана ногата. Во контакт сме со две лица под урнатините. Во моментов се работи на нивно извлекување. Ќе видиме што уште ќе најдеме под урнатините“,
рече Дачиќ.
Меѓу лицата со кои комуницираат спасувачите и сè уште не се извлечени, има жена и девојче на околу 14 години, рече тој.
Дачиќ изјави дека спасувачите биле на местото на несреќата неколку минути по повикот.
„Во спасувањето учествуваат близу 80 спасувачи од повеќе градови. Акцијата е исклучително тешка и ќе трае уште неколку часа“,
додаде тој.
На прашањето кој е одговорен за несреќата, Дачиќ рече дека сега треба да се стави акцент на спасување на луѓето под урнатините.
„Ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад и страшна трагедија. Во име на владата и на сите граѓани на Србија, сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите. И да им се заблагодарам на сите спасувачи кои се борат да им помогнат на луѓето под урнатините“,
изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ.
Тој додаде дека ќе инсистира да се најдат одговорните и оние што морале да ги предупредат надлежните дека одредени работи мора да се поправат.
Потсетуваме, на главниот влез на железничката станица во Нови Сад попладнево се сруши дел од натстрешницата. Како што јавуваат српските медиуми, неколку десетици се повредени и сè уште не е позната тежината на нивните повреди.
Несреќата се случила денеска нешто пред 12 часот. Неколку амбулантни возила сè уште се на местото на настанот, а пристигнати се и багери и тешка механизација кои се обидуваат да го расчистат паднатиот дел од зградата.