Таа е предлог на СДСМ за нов член на Уставниот суд, за кој позитивно се изјаснија и пратениците во Комисијата за прашања на изборите и имeнувањата од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според кои станува збор за истакнат правник за разлика од другите предлози на владејачката партија
Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ Јадранка Дабовиќ – Атанасовска ја доби поддршката на членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата да биде избрана за уставен судија.
Дабовиќ-Атанасовска е предлог на СДСМ за нов член на Уставниот суд за кој позитивно се изјаснија и пратениците во Комисијата од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според кои станува збор за истакнат правник за разлика од другите предлози на владејачката партија, пренесе ТВ Телма.
Доколку биде избрана за уставен судија, таа ќе има мандат од девет години.
„Импозантно си-ви кое за разлика од претходните кандидати коишто беа предлагани од власта, Тања Васиќ Бозаџеива, Фатмир Скендер, јавниот обвинител (Љубомир) Јовески за кои не може да се каже дека се работи за истакнати правници“,
рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и член на Комисијата Јадранка Поцкова на денешната седница на ова собраниско тело.
Сепак, од опозицијата сметаат дека владејачката коалиција брза со предлозите за избор на судии за Уставниот суд. Според нив, се врши притисок тие да бидат избрани, а забелешки имаат и за тоа што кандидатите не прифаќаат да се претстават пред членовите на Комисијата, нетранспаретност која велат дека е начин на работа и на самиот Уставен суд.
„Зошто кандидати за кои што гледаме дека еден дел од нив се стручни во својата работа не прифаќаат да се соочат тука со пратениците и да се погледнат во очи и на јавноста, не на нас, да ѝ кажат што ќе променат, односно како ќе обезбедат независно, ефикасно и непристрасно работење на Уставниот суд. Оваа нетранспаретност продолжува и понатаму и оваа нетранспареност морам да кажам е начин на работа и на Уставниот суд“,
рече Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ на седницата на собраниската Комисија.
Од опозициската партија за уставни судии повторно ги предлагаат пензионираните универзитетски професори од Правниот факултет Родна Живковска и Саво Климовски, како и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.
Инаку, Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови на место дел од претходните чиј мандат заврши заглави во Собранието.
Судот во моментов функционира со седум членови од вкупно девет колку што треба да брои.