Своите аргументи тие ги сумираат во 13 точки, од кои во првата потсетуваат дека на 11 мај 2021 година во Собранието беше изгласан Закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, но претседателот на државата Стево Пендаровски тогаш не го потпиша указот поради силните забелешки на стручната, засегната и широка јавност, неговата спротивност со Уставот и го врати на повторно разгледување во Собранието
Тој закон не се донесе, а сега, како што велат здруженијата и експертите, имаме многу полоша ситуација „каде што со мали измени на стариот Закон за постапување со бесправно изградени објекти се предлага да се легализираат бесправно изградени објекти до 31.12.2022 година“, меѓу кои и објекти во заштитени подрачја
Во пресрет на 135. седница на Собранието закажана за в петок (22 декември), на која меѓу точките на дневен ред е и новиот предлог-закон за изменување на Законот за легализација на дивоградби, дваесетина здруженија, граѓански иницијативи и експерти преку допис до медиумите бараат повлекување на предложените измени оценувајќи ги како штетни и со далекосежни последици доколку бидат донесени.

Инаку, како што веќе пренесовме пред точно една недела, на дневен ред на оваа седница е предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка, со кој се предвидува легализација на дивоградби изградени до 31 декември 2022 година.
Предлагач на измените на Законот е пратеникот Скендер Реџепи кој откако лани во јуни ја напушти Алтернатива во Собранието дејствуваше како независен пратеник, а неодамна ја формира партијата Народно движење.
Граѓанските организации и експертите бараат од претседателот на Собранието Талат Џафери и од пратениците предлог-законот да биде повлечен од собраниска процедура.
„Во случај да не биде повлечен, да не го гласаат овој штетен предлог-закон со далекосежни последици“,
бараат вкупно 21 здружение на граѓани и експерти.
Своите аргументи тие ги сумираат во 13 точки, од кои во првата потсетуваат дека на 11 мај 2021 година во Собранието беше изгласан Закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, но претседателот на државата Стево Пендаровски тогаш не го потпиша указот поради силните забелешки на стручната, засегната и широка јавност, неговата спротивност со Уставот и го врати на повторно разгледување во Собранието.
Тој закон не се донесе, а сега, како што велат здруженијата и експертите, имаме многу полоша ситуација „каде што со мали измени на стариот Закон за постапување со бесправно изградени објекти се предлага да се легализираат бесправно изградени објекти до 31.12.2022 година“
„На овој начин се дозволува да се легализираат објекти во заштитени подрачја вклучително и во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети), во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура“,
се наведува во дописот.
Со измените, како што додава во соопштението на организациите од невладиниот сектор, се предвидува да се легализираат и базени, станбени згради за колективно домување, викенд-куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи…
Со него, како што велат тие, се овозможува странски правни и физички лица да можат да бидат баратели, а државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти е предмет на откупување.

Аргументирајќи ги своите позиции, од граѓанските организации и иницијативи велат дека овој закон не е во согласност со Уставот, со него се руши секаков правен поредок во државата, се поништуваат одредбите на многубројни други закони, како законот за градење, за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, за земјоделско земјиште, за води, за шуми, за културно наследство.
„Со овој закон се запираат управните, судските (кривичните) и граѓанските постапки кои се поведени или се водат за изградба на бесправните објекти предмет на овој закон… Со овој закон се испраќа силна порака дека не треба да се почитуваат низа на закони, правилници и стандарди за добивање дозвола за легална градба, се поддржува криминал. Со овој закон се мотивираат сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Особено се мотивираат оние со повисоки приходи кои градат на места каде никако не би смеело да се гради. Со овој закон се ставаат во нерамноправна положба граѓаните, што е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите. Со овој закон оневозможени се сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони. За овој закон не е подготвена проценка на ризиците, која би била неопходна за вистински да се увидат влијанијата од истиот“, се наведува во соопштението од невладините организации.
Од невладините додаваат дека законот е во спротивност и со препораките на Постојниот комитет на Бернската конвенција во однос на легализацијата на дивоградби.
„Осигурајте дека нема понатамошни продолжувања на рокот за апликации за легализација на објекти кои биле изградени без дозвола во Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја и локалитетите на светско наследство – точка 7 од Препораката број 211 од 2012 година на Постојниот комитет на Бернската конвенција во врска со случајот 2013/01: Северна Македонија: хидроенергетски развој на територијата на Националниот парк Маврово.
Воспоставете политика на нулта толеранција за секоја нова бесправна градба со рационализирање на процесот за нивно отстранување во закон, зголемување на казните за прекршување на правилата за урбанистичко планирање во локалитетите на светско наследство и зајакнување на персоналот, процедурите и професионалните стандарди на релевантните инспекторати – Точка 6 од Препораката број 221 од 2023 година на Постојниот комитет на Бернската конвенција во рамки на Случајот 2017/2: Можни негативни влијанија од планирани инфраструктурни проекти врз кандидат Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица“,
посочуваат невладините на конкретните препораки.
Тие се осврнуваат и на тоа што предлог-законот е во собраниска процедура по скратена постапка, иако неговите последици се огромни и далекосежни и по владеењето на правото и по самата животна средина и урбаниситичкото планирање.
„Тоа значи дека нема јавна расправа, нема консултации со стручната јавност од разните области кој овој закон ги опфаќа, а тие се многубројни, не е објавен на ЕНЕР со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово (не)донесување, не е направено задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации“,
велат од здруженијата на граѓани, од каде што како на последен аргумент се повикуваат на заклучните согледувања од одржаната јавна дебата на тема „Уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти” од 25 мај 2021 во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзините препораки.
Меѓу здруженијата и граѓанските иницијативи кои реагираат на предложените измени се О2 Иницијатива, Еко герила Тетово, Институт за комуникациски студии, Центар за истражување и креирање политики, Го сакам Водно, Здрава котлина Струмица, Охрид СОС, Доцент д-р Златко Илијовски, дипл. инж. геол., директор на оддел хидрогеологија при Градежен институт Македонија АД Скопје, Институт за демократија Социетас цивилис, Зелен хуман град, Шанса за Центар…
Легализацијата на дивоградби во државава првпат се овозможи со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени.
Сепак, со постојното законско решение крајниот рок до кој можеа да се поднесат барања за легализација на дивоизградени објекти беше до 31 декември 2018 година. Основен услов беше објектот за кој се бара легализација да бил функционална и градежна целина најдоцна до 3 март 2011 година.
Инаку, „360 степени“ неодамна објави серија стории за голем број диво изградени објекти на територијата на општина Чаир, кои биле легализирани незаконски, како да се изградени најдоцна до март 2011 година, иако податоците до кои дојдовме покажуваат дека тие се изградени во последните неколку години.
Во врска со овие случаи, по сториите на „360 степени“, Обвинителството отвори предмет.