Доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести, вели дека ова е една од поблагите години, односно со поблаг тек на грипот
Забрана за посети на хоспитализирани пациенти, а во болниците и клиниките да се носат маски и да се одржува дистанца. Ова се препораките што Министерството за здравство ги испратило до сите јавни установи по укажување на Комисијата за заразни болести за да се спречи ширењето на грипот.

Од Комисијата за заразни болести велат дека засега не планираат да предложат дополнителни мерки за заштита од грипот бидејќи нема преоптоварување на болничките капацитети, а бројките на новозаболени стагнираат. Сепак, велат дека ќе продолжат да ја следат состојбата во државата.
Од Министерството за здравство посочија дека предложените мерки се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно на тоа што актуелните епидемиолошки податоци укажуваат на пик на сезонскиот грип.
Доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести, во изјава за ТВ Сител вели дека ова е една од поблагите години, односно со поблаг тек на грипот.
„Ситуацијата е под контрола. Нема оптоварување на болничките капацитети. Кај матичните лекари и на клиниките за деца има зголемување на бројот на заболени пациенти, но сето тоа одговара на периодот. Засега не размислуваме за воведување дополнителни мерки“,
рече тој.
За периодот од 3 до 9 февруари, во земјава се пријавени 2 880 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со претходната недела, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.