„Откривачката улога во случајот ја има МВР, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторителот и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР сè уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката“, се вели во одговорот на Јавното обвинителство на РСМ на прашања од „360 степени“
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вели оти не е во можност да сподели информации во врска со убиството на 67-годишниот лекар чие безживотно тело со повеќе убодни рани пред две недели беше пронајдено во автомобил паркиран во близина на поликлиниката „Железара“.

Воздражноста од споделување информации од Обвинителството ја објаснуваат со тоа што сè уште не е откриен сторителот на кривичното дело.
Во таа насока оттаму не ја демантираат ниту, пак, ја потврдуваат информацијата што денеска ја соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада Митко Бојмацалиев дека лекарот не бил убиен во автомобилот, туку на друго место, а неговото тело било донесено во возилото.
„Колегите сè уште работат, ги собираат информациите од терен, подигнати се доказите од автомобилот кој е најден, каде што е најдено лицето и според наши сознанија и според тоа што досега е утврдено можам да потврдам дека лицето не е убиено во автомобилот, туку е донесено во автомобилот. Повеќе не би можел да откријам за да не ја нарушиме истрагата“,
изјави Бојмацалиев за „Слободен печат“.
Во врска со мотивите за убиството, односно дали тие се поврзани со професијата на жртвата или станува збор за нешто друго, дополнителниот заменик-министер изјави дека тие сè уште не се откриени до крај.
Во врска со неговата изјава, „360 степени“ испрати прашања до Јавното обвинителство од каде што побаравме одговор дали Основното јавно обвинителство Скопје може да ги потврди ваквите информации и доколку е тоа случај, врз основа на што е дојдено до овие сознанија – дали тоа го покажале наодите од обдукцијата, вештачењето на автомобилот или други докази собрани во текот на истрагата?
„Откривачката улога во случајот ја има Министерството за внатрешни работи, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторителот и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР сè уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката“,
се вели во одговорот од Јавното обвинителство на РСМ.
Оттаму, воедно, апелираат и до другите институции во оваа фаза од постапката да се воздржат од изнесување информации од чувствителен карактер бидејќи сторителот сè уште не е откриен.
Безживотното тело на лекарот, како што соопштија тогаш од Министерството за внатрешни работи, беше пронајдено доцна вечерта на 21 март во неговиот автомобил, марка „киа“ на паркинг пред поликлиниката „Железара“. Според информациите на полицијата и на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, телото го пронашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако тој не се вратил дома од работа.

Првично во врска со убиството на лекарот, како што информираше министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски во два одделни наврати, беа приведени три лица, од кои на две на барање на Основното јавно обвинителство Скопје им беше одреден краткотраен 48-часовен куќен притвор.
Сепка, уште пред да истече времетраењето на мерката, од Јавното обвинителство соопштија дека од преземените дејствија од МВР и од вештачењата на Институтот за судска медицина не произлегле докази дека тројцата приведени го извршиле делото и од тие причини Обвинителството за нив нема да бара дополнителни мерки за обезбедување на присуство.