„До јануари годинава немаше разговори со Русите. Драго ми е што Трамп го скрши мразот и ја презеде лидерската улога. Му честитам за тоа“, порача генералниот секретар на НАТО
Телефонскиот разговор меѓу претседателите на Русија и Соединетите Американски Држави (САД), Владимир Путин и Доналд Трамп, може да се смета за позитивен чекор со кој се обновува комуникација, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Да им бидеме благодарни на САД што ја презедоа лидерската позиција за Украина“,
рече Руте пред почетокот на денешниот заеднички состанок на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија.
Според него, тоа што го направи Трамп е многу важно за процесот.
„До јануари годинава немаше разговори со Русите. Драго ми е што Трамп го скрши мразот и ја презеде лидерската улога. Му честитам за тоа“,
кажа тој.
Руте додава дека САД ги координираат своите активности со европските партнери. Како позитивно го оцени и тоа што откако го завршил разговорот со Путин, Трамп се слушнал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и европските лидери.
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл вчеравечер се огласи по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин и нагласи дека преговорите поминале многу добро и дека наскоро би можеле да следат разговори за прекин на огнот и завршување на војната во Украина.
„Преговорите меѓу Русија и Украина за прекин на огнот ќе започнат веднаш, но и што е уште поважно за крај на војната. Условите за ова ќе бидат договорени меѓу двете страни, бидејќи тоа е единствениот начин да биде, а тие ги знаат деталите од преговорите што никој друг не би можел да ги знае“,
напиша Трамп.
Нагласи дека за ова ги информирал претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб.