По задолжувањето од Владата, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да формира работна група и да изнајде решение за недостигот на обрасци за пасоши, од МВР информираат дека работната група утрово се состанала, но се бараат дополнителни податоци од Одделот за управни работи, со цел, „утврдување на фактичката состојба.“
„Во текот на денешниов ден работната група во рамки на МВР имаше состанок, при што беа побарани дополнителни податоци од Одделот за управни работи со цел утврдување на фактичката состојба околу побарувањата на граѓаните за патни исправи за изминатиов период. До крајот на денов закажана е уште една средба на работната група во МВР по што јавноста дополнително ќе биде информирана околу следните чекори во насока на решавање на настанатата состојба“,
стои во соопштението на МВР.
По алармот во јавноста дека снемуваат обрасци за лични документи, техничкиот министер Чулев обвини дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори.
Премиерот Спасовски му одговори дека додека тој бил во Министерството за внатрешни работи немало никакви проблеми ниту со пасошите ниту со личните карти и го советуваше Чулев да го реши проблемот.