Eксминистерот смета дека Спасовски треба да понесе, како што вели, најмалку политичка и морална одговорност, затоа што „се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издаваа „македонски пасоши“
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев тврди дека му оставил комплетирана истрага за фалсификуваните пасоши на неговиот претходник и наследник во МВР Оливер Спасовски, кој, пак, изјави вечерва, дека случајот за кој се осомничени десетмина, главно службеници во управните служби на Министерството, е отворен во февруари 2019, кога тој беше на чело на полицијата.
„Наведената истрага беше речиси хибернирана во периодот кога стапив на функцијата министер за внатрешни работи, за колегите, со целосна посветеност, и покрај сите опструкции во периодот на техничката Влада, да се мотивираат и дасе даде максимум за нејзино реактивирање. Истрагата беше речиси комплетирана во периодот кога бев министер, но заради задржување професионален однос и за да не биде ставена во контекст на парламентарните избори, истата не финишираше односно не беше обелоденета“,
напиша Чулев на Фејсбук, по вечерашната прес-конференција на Спасовски, кој, пак, ја обвини опозицијата за обид за саботажа на акцијата.
Според Чулев, исклучиво Спасовски има одговорност за тоа што „се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издаваа македонски пасоши“. Затоа, ексминистерот смета дека Спасовски треба да понесе, како што вели, најмалку политичка и морална одговорност.
„Сега е крајно време Оливер Спасовски да понесе најмалку морална и политичка одговорност и да ја препушти оваа одговорна функција на личност која максимално посветено и чесно ќе ја извршува истата. Тој има обврска одговорно и согласно со законите да ја извршуваа таа функција и за тоа не треба да биде потсетуван и да му се врши притисок од страна на опозицијата, граѓаните и странските партнери кои пак очекуваат бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција“,
нагласува Чулев.