Поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев на Фејсбук одговори негативно на повикот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кој го повика на отворена дебата за спорниот софтвер за МВР, веднаш штом заврши со неговиот одмор во Мексико.
„Правните дилеми треба да оставиме да ги решаваат оние кои за тоа се задолжени: полиција, обвинителство, суд. Политичката дебата ако може и да се нарече дебата која се отвори може да се разјасни преку политички дуели. Ќе заврши мојот, ако после сѐ може да се нарече одмор, па нека повели ВМРО-ДПМНЕ преку оној кој ме повика, поранешниот министер Наќе Чулев, да дојде и да дебатираме. Не само за ова. За сè што до сега ме обвинуваа“,
изјави Рашковски.
Чулев, во неговиот одговор вели дека личната култура и политичката етика не му дозволуваат за вакви прашања да дискутира на дебати .
„Не сметам дека тие се место за решавање на прашања за кои веќе јавното обвинителство има започнато предистражна постапка. Оставам институциите на системот да ја завршат во целост нивната работа, а јас стојам на нивно располагање во секое време“,
пишува во одговорот на Чулев.
Тој укажува дека негова обврска како одговорна личност и поранешен министер за внатрешни работи е да ги информира граѓаните за фактичката состојба во врска со проектот „Безбеден град“, а поврзано со набавка на софтвер за регистрирање на сообраќајни прекршоци, на ист начин како што и МВР ја информира јавноста за посочениот проект односно дека МВР не било информирано за наведената набавка.-
„Мојата изјава не е во никој случај не беше политичка, туку истата ја дадов како експерт на кој му беше укажана доверба и чест да раководи со Министерството за внатрешни работи. Изјавата не содржи политички флоскули, туку реални факти и аргументи. Доколку господинот Рашковски смета дека не ја зборувам вистината слободно нека иницира соодветна судска постапка за клевета“,
му порача Чулев на Рашковски.