Според шефот на државата, ниту кандидатите од МНР за амбасадори во Приштина, Тирана, Доха, Копенхаген и во Советот на Европа во Стразбур, кои добија агремани, нема да заминат во мисиите, затоа што не стигнаа да ги одбранат тезите во Комисијата за политички систем. Од владата, пак, сметаат дека т.н. сослушување на кандидатите не е законска обврска
Нема да се пополнуваат испразнетите околу 25 амбасадорски места на земјава во странство до завршувањето на изборите. Претседателот Стево Пендаровски најави дека нема да ги потпише ниту указите за кандидатите кои веќе добија агремани од државите каде што требаше да заминат во мисија.
Едно од местата што остануваат празни е амбасадорската позиција во седиштето на НАТО во Брисел, каде што требаше да замине Дане Талески. Но тој не беше ниту на списокот на кандидати што имаа најголеми шанси да заминат во ДКП до изборите, затоа што стигнаа до претпоследниот стадиум од процедурата, односно до одбрана на тезите пред матичната Комисија за надворешна политика во Собранието.

Според тоа, и официјализирањето на членството на Северна Македонија во НАТО ќе помине без дипломатски претставник на земјава во седиштето на Алијансата. Проценките се дека нашата земја ќе го стекне полноправното членство во НАТО во текот на следниот месец, кога, како што неодамна најави министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска, и нашите политичка и воена мисија во Брисел ќе бидат буквално дел од седиштето на Алијансата.
Опозициска блокада
Шестмина од вкупно 19 кандидати за амбасадори, кои Владата ги утврди на седница во декември, во меѓувреме, добија агремани. Но и тие, најверојатно, нема да заминат во мисија, затоа што не им беше овозможено да ги бранат своите тези во собраниската Комисија за надворешна политика. Иако дури петмина од овие шестемина кандидати се професионалци во МНР, претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски, сè до распуштањето на парламентот, ја откажуваше и презакажуваше седницата на ова тело за „сослушување“ на предложените дипломатски претставници.
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Канал 5, изјави дека ниту еден од потенцијалните амбасадори нема да ја преземе функцијата, затоа што, како што рече, неговиот став бил дека во мисиите ќе заминат оние кандидати што до распуштањето на парламентот ќе ги поминат сите правни, но и политички процедури. Тој рече дека по тоа прашање имал различни размислувања со Владата, од каде што биле на позиција дека т.н. сослушување во собраниската Комисија не е законска обврска. Наспроти тоа, позицијата на Пендаровски била дека, и покрај тоа, одбраната на тезите е политичка практика што функционира од 2003 година.
Има ли спор на релација Влада – претседател
„Мојот став беше дека нема да оди никој, дека нема да потпишам за никој што не ги исполнува законските услови, почнувајќи од неосудуваност, да нема двојно државјанство… сè она што е во рамки на сегашниот закон“,
рече Пендаровски.

Сепак, Пендаровски изјави во емисија на Канал 5 дека нема несогласувања со Владата, ниту со министерот за надворешни работи Никола Димитров во однос на пополнувањето на амбасадорските места. Рече дека бил прашан дали има свои предлози за дипломатски претставници, но тој посочил дека негови кандидати ќе бидат кандидатите од МНР, затоа што се залага за повеќе професионалци во дипломатијата. Пендаровски нагласи дека е задоволен што околу 85 проценти од предлозите на Владата за амбасадори биле дипломати од кариера.
„Амбасадорите не би можеле да бидат пречка меѓу мене и Димитров. Мислам немам никаква пречка со Димитров. Тие шпекулации ги слушам од тоа време кога бевме во некаква игра за кандидат за претседател, па затоа што е избран едниот, а не другиот… Меѓутоа, мора да кажам дека од ниту едно место, од ниту еден човек не сум слушнал дека Димитров искоментирал негативно за мене,“
рече Пендаровски.