Синот Јордан Мијалков и други членови на семејството на Сашо Мијалков, како и членови на неговото обезбедување се повикани на разговор во полициска станица во врска со бегството на ексшефот на УБК, посочуваат упатени извори од МВР.
Дека постојат сомнежи дека некој му помогнал на Мијалков да избега предмалку соопштија и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Тие сомнежите ги темелат врз тоа што додека се подготвувал предлогот за определување притвор и се изготвувало решението, тој бил достапен.
„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“,
соопштија од Обвинителството.
Првите индиции дека се подготвува за бегство, обвинителите ги добиле во саботата вечерта околу 23 часот. Мијалков бил набљудувал, а обвинителите добивале информации од надлежните во МВР дека имаат визуелен контакт со него.
Првите информации дека не може да му го врачат решението за куќен притвор до Обвинителството стигнале синоќа во 21:20 часот, а во 21:47 часот им било потврдено дека Мијалков не е пронајден.