Како што наведе шефот на Агенцијата, Фатих Бирол, одлуката за ослободување на количините нафта од стратегиските резерви била донесена едногласно од 32. членки на меѓународната организација
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави дека ќе ослободи 400 милиони барели нафта од своите резерви, што е најголемо во историјата на организацијата.

Информацијата ја објави шефот на Агенцијата, Фатих Бирол, во изјава емитувана онлајн на веб-страницата на организацијата.
Според него, конфликтот на Блискиот Исток има силно влијание врз глобалните енергетски пазари, а Азија е најтешко погодена.
Како што наведе тој, одлуката за ослободување на количини од стратегиските резерви била донесена едногласно од 32. членки на меѓународната организација.
Ослободувањето на резервите, според Бирол, ќе се случи во временска рамка што е најсоодветна за условите во кои се наоѓа секоја земја, а повеќе детали, како што најави, ќе бидат објавени подоцна.
Конфликтот на Блискиот Исток ефикасно го запре превозот низ Ормускиот Теснец – клучен морски пат низ кој минува околу 20 проценти од светската нафта, а цените на глобалните енергетски пазари нагло пораснаа, пренесува БТА.
Од друга страна, цените на нафтата повторно пораснаа и денеска попладне цената за барел изнесуваше 93 долари на меѓународните пазари, пренесе ХРТ. Ова наведе на шпекулации дека најавеното ослободување на 400 милиони барели од резервите на членките на Меѓународната агенција за енергија сигнализира мали шанси за скорешен крај на конфликтот на Блискиот Исток.
На лондонскиот пазар барел нафта се продава за 5,04 долари повисока цена од вчерашната, која пред затворањето на берзата изнесуваше 92,84 долари. На американскиот пазар цената беше повисока за 4,81 долари во споредба со вчерашната цена од 88,26 долари за барел.
Инаку, пазарите со нетрпение ја очекуваа одлуката на ИЕА за ослободување на нафта од стратегиските резерви.
Извозот од земјите во регионот на Персискиот Залив е намален на помалку од 10 проценти од нивоата пред војната, соопшти вчера Агенцијата, што значи дека помалку од два милиони барели дневно сега минуваат низ Ормускиот Теснец.
Иран ја презеде контролата врз теснецот по нападот меѓу САД и Израел, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.
