Според законот, на геј паровите им се овозможува и посвојување деца
Мнозинството од чилеанскиот парламент во вторникот го одобри законот кој дозволува склучување истополови бракови, пренесува српски Би-би-си. Според законот, на геј паровите им се овозможува и посвојување деца.
Предлог-законот го поддржа и претседателот Себастијан Пинера, кој сега треба да го потпише. За време на неговото годишно обраќање во јуни годинава, Пинера истакна дека го поддржува овој закон велејќи дека Чиле мора да им гарантира слобода и достоинство на сите луѓе.
Законот за легализација на истополовите бракови долго се чекаше да дојде на дневен ред откако беше претставен од поранешната левичарска претседателка Мишел Бачелет.
Овој потег наиде на жестоки критики од некои од сојузниците на претседателот, вклучително и евангелистичкиот пратеник, Леонидас Ромеро од Партијата за национална обнова кој го опиша овој закон како „огромно предавство за христијанскиот свет“.
Чиле се приклучи на неколку земји од Латинска Америка кои ги признаа истополовите бракови. Претходно тоа беше направено во Аргентина, Бразил, Колумбија, Костарика, Уругвај и во 18 мексикански држави, како и во Мексико Сити.