Во болниците во државава во моментов се лекуваат седум пациенти

Четири повреди лица од пожарот во Кочани, а кои беа хоспитализирани во Хрватска, Шведска и Италија, денеска се враќаат во земјава.
Како што информираат од Министерството за здравство, од Хрватска се враќаат двајца пациенти и по еден од Шведска и Италија.
Бројот на пациенти што остануваат да се лекуваат во странство е 60.
„Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти“,
велат од Здравство.
Во болниците во државава, како што велат од Министерството, во моментов се лекуваат седуммина пациенти. Четворица се во хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пулмологија.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека континуирано се следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и понатамошна рехабилитација.
Вчера четворица пациенти што беа хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“ беа пуштени на домашно лекување, а уште четворица се останати на понатамошен третман.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени.