За време на прославата, осомничените со три пиштоли и една пушка пукале во воздух, со што, посочуваат од ОЈО Гостивар, ги довеле во опасност животите на поголем број присутни
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар бара притвор за четири лица осомничени за пукањето на семејната веселба во гостиварското село Добри Дол, што се случи вечерта на 31 јули.

Од Обвинителството информираат дека по поднесена кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи, поведена е постапка против четири лица од Добри Дол, за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на кривичното дело предизвикување општа опасност.
„Осомничените вечерта на 31 јули, во дворно место од семејна куќа во селото, на свадбена прослава, употребиле огнено оружје и тоа три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар со кои пукале во воздух и со тоа ги довеле во опасност животите на поголем број присутни на свадбената прослава“,
наведуваат од ОЈО Гостивар.
Поради опасност од бегство на осомничените, меѓу кои еден кој има македонско и словенечко државјанство, Обвинителството до судија на претходна постапка достави предлог за определување притвор.
Од МВР во саботата соопштија дека шест лица се приведени, а едно е повикано на службен разговор во врска со пукањето во гостиварско Добри Дол, кое беше снимано и објавено на социјалните мрежи. Во текот на претресите на повеќе локации, сите спроведени во село Добри Дол, полицијата пронајде и одзеде оружје и муниција.
