Четирите земји, кои го критикуваа Израел за начинот на кој се справува со конфликтот, апелираат што е можно поскоро да се одржи меѓународна мировна конференција за Газа
Политичките лидери на Шпанија, Ирска, Белгија и Малта бараат итен самит на Европската Унија на кој главна тема ќе биде – прекин на огнот во Појасот Газа.
Во писмото упатено до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, тие повикуваат на одржливо хуманитарно решение.
„Лидерите на овие земји сакаат да разговараат за ситуацијата во Газа следната недела и заеднички да повикаат на одржливо хуманитарно примирје што би траело до крајот на конфликтот“,
се наведува писмото.
На 14 и 15 декември во Брисел ќе се сретнат лидерите на 27 земји од ЕУ, каде што ќе разговараат за помошта за Украина во рамки на руската агресија, како и за ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ.
Во писмото на четворицата премиери, испратено до Шарл Мишел, кој претседава и со самитите на ЕУ, се наведува сериозноста на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и можноста за ескалација на конфликтот во регионот.
Четирите земји, кои го критикуваа Израел за начинот на кој се справува со конфликтот, апелираат што е можно поскоро да се одржи меѓународна мировна конференција за Газа на која ќе се разговара за формирање палестинска држава покрај Израел.
Светската програма за храна: Половина од населението во Појасот Газа гладува
Заменик-директорот на Светската програма за храна на ОН, Карл Скау, предупреди дека половина од населението во Појасот Газа гладува поради вооружените борби меѓу Израел и Хамас.
Според него, само дел од потребните резерви може да влезат во Појасот Газа.
„Условите во Појасот Газа ја направија испораката на помош речиси невозможна“,
посочи Скау додавајќи дека е отворен само граничниот премин Рафа кон Египет преку кој до палестинската енклава стигнуваат ограничени количини помош.