Сириските државни медиуми соопштија дека израелскиот напад бил насочен кон зграда во населбата Мазех во Дамаск, но и дека експлозии се слушнале и низ други места во главниот град. Во нападите била гранатирана зграда која била користена од ирански советници кои ги поддржуваат сириската влада и милитантната група во Либан, Хезболах
Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права, цитиран од француските медиуми, извести за пет убиени лица во израелскиот напад, од кои четворица биле припадници на Иранската револуционерна гарда задолжени за Сирија врз зграда во Дамаск, каде што се одржувал состанок на проирански лидери.
„Во израелски ракетен напад на четирикатница во која се одржа состанок на проиранските лидери, загинаа пет лица, а зградата беше целосно уништена“,
соопшти сирискиот Центар за мониторинг на човековите права.
Засега од израелските власти нема пристигнато потврда дека тие стојат зад нападот, но години наназад токму тие извршуваат напади врз цели поврзани со Иран во Сирија кои се интензивираа по започнувањето на војната помеѓу Израел и Хамас на седми октомври. Иранското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека овие напади се агресивен и провокативен чин од страна на Израел кои имаат цел да се прошири нестабилноста во регионот.
„Иран го задржува правото да одговори на организираниот тероризам на лажниот ционистички режим во соодветно време и место“,
велат од иранското МНР.
Според неофицијални информации, меѓу убиените припадници на гардата биле шефот за разузнавачката служба во Сирија, неговиот заменик и уште двајца други гардисти.
Во меѓувреме, денеска десетина проектили беа истрелани врз воена база што ја користат коалициските сили предводени од САД во западен Ирак, јавија американски медиуми повикувајќи се на извори од американската одбрана и претставник на ирачката полиција. Ракетите ја погодиле воздухопловната база „Ал Асад“ во ирачката провинција Анбар. Во моментот штетата се проценува и првичните извештаи сугерираат дека припадник на ирачките безбедносни сили е тешко ранет, јавија американски медиуми.