Покрај затворските казни, на тројцата обвинети судот им изрече и забрана за вршење на професијата во областа на образованието во траење од пет години од правосилноста на пресудата, во кои е засметано и времето кое Шуклев и Ристевски треба да го поминат во затвор
Основниот кривичен суд Скопје денеска ги изрече пресудите за тројцата професори од Економскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ обвинети во случајот „Еразмус“ за примање и давање поткуп.
Професорот и поранешен декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев, и професорот Славе Ристевски се осудени на четири и пол, односно четири години затвор, додека Драган Денковски, кој посредувал во шемата, доби условна казна.

Обвинетиот Шуклев освен пари барал и сексуални услуги од студентка за да ѝ напише преодна оценка.
Според пресудата, која ја изрече судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, Шуклев за едно кривично дело примање поткуп е осуден на затворска казна од четири години и шест месеци, додека професорот Славе Ристевски за две кривични дела примање поткуп доби две затворски казни од по две и пол години или единствена казна затвор од четири години.
На обвинетиот Драган Денковски судот му изрече алтернативна мерка. За трите кривични дела давање поткуп нему му беа утврдени затворски казни од по 10 месеци или единствена казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Покрај затворските казни, на тројцата обвинети судот им изрече и забрана за вршење на професијата во областа на образованието во траење од пет години од правосилноста на пресудата, во кои е засметано и времето кое Шуклев и Ристевски треба да го поминат во затвор.
При изрекувањето на одлуката, судијката Јанчулева-Михаиловска истакна дека има доволно докази за осудителна пресуда.
Таа во повеќе детали ги опиша настаните и начините на кои обвинетите ги примале парите од студентите за да ги положат испитите, а во случајот со Бобек Шуклев, како професорот барал сексуални услуги од студентка, велејќи ѝ дека е тоа еден од начините да положи или ќе мора да даде пари.
Како отежнителна околност во конкрентниот случај, судот ја истакна општественета позиција на обвинетите, додека како олеснителна, предвид е земена нивната возраст, семејната положба и тоа што не се претходно осудувани.
„Дејствијата на Бобек Шуклев му даваат повисок степен на кривична одговорност во однос на другите обвинети со оглед дека е интелектуално успешен човек, но сепак од позиција на професор личниот интерес го ставил пред јавниот на начин што навлегол во интимната сфера на една од оштетените. Судот ја имаше предвид и причинетата штета во поширока смисла бидејќи дејствијата на обвинетите претставуваат атак на образовниот систем и на угледот на просветните работници како важна алка во оформувањето на личноста на идните академски граѓани“,
рече судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска при изрекувањето на пресудата.
Денешната пресуда за обвинетите во „Еразмус“ не е правосилна и обвинетите имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од 15 дена.
Инаку, ова беше второ судење за предметот „Еразмус“, откако во јуни 2021 година предметот падна на Апелација. Тогаш Апелацискиот суд не ги потврди затворските казни за професорите од првиот судски процес. Единствено беше потврдена ослободителната пресуда за професорот Стојан Дебарлиев.