На денешен ден пред четири години Скопскиот регион го зафати временска непогода со катастрофални поплави кои однесоа 22 човечки животи, а над 1.000 граѓани беа евакуирани. Во текот на 24 часа на 6 август 2016 година во Скопје наврнале 93 литри на метар квадратен.
Премиерот Оливер Спасовски денеска на својот фејсбук порача никогаш да не се заборави и да не се повтори големото невреме, што пред четири години го зафати Скопје.
„Со тага се присетуваме на денешниот ден, кога пред четири години Скопје беше погодено од големо невреме кое предизвика поплави во селата Стајковци, Смилковци, Сингелиќ и Арачиново, при што животот го загубија 22 наши сограѓани. Денес животот во овие скопски места е вратен во нормала, за што сведочат асфалтираните улици, исчистените речни корита и нова водоводна мрежа, а граѓаните и денес зборуваат за пружената помош, за херојството и солидарноста кои беа демонстрирани од страна на нашите сограѓани од целата држава. Никогаш да не се заборави, никогаш да не се повтори!“,
напиша Спасовски.