За да се избегне создавањето „искривена, изобличена перцепција во јавноста“ расправата не треба да се води на социјалните мрежи
Во ниеден момент немало размислување за укинување на Историјата, тврди Митко Чешларов, раководител на Секторот за развој на наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието (БРО).
Тој во интервју за „Нова Македонија“ вели дека се работи за лажна вест која се проширила по една средба со директорите на основните училишта во рамки на презентациите и консултативни средби за концептот, пред почетокот ја јавната дебата. Признава дека ова се случи во политички и национален чувствителен момент, со што креаторите на лажната вест успеаа да внесат забуна и немир во јавноста.
„Она што можам најодговорно да го кажам дека во ниеден момент немало размислување за укинување на историјата, туку напротив, размислувањата се како учењето историја да го направиме поинтересно за учениците, како да успееме сите настани/појави/процеси учениците ги согледаат од различни перспективи, на начин соодветен на нивната возраст“,
објаснува Чешларов.
За да се избегне, како што вели, создавањето „искривена, изобличена перцепција во јавноста“, што штети и на процесот на реформи и на кредибилитетот на академската јавност којашто учествува во таквиот дискурс, тој апелира секој заинтересиран да ги прочита понудените решенија, доколку има прашања или дилеми во врска со нив, да се обрати до Бирото за развој на образованието за одговори, наместо расправата да се води на социјалните мрежи.
