ПЦР и антигенските тестови ќе се користат како потврди за влез ќе се користат во домовите за стари лица, болниците и затворите, како и за тестирање на работните места

Чешката влада на премиерот Андреј Бабиш, која е во оставка, донесе нови мерки за заштита од коронавирусот со кои ПЦР и антигенските тестови повеќе нема да се признаваат како дел од ковид-пропусниците.
Од понеделник (22 ноември) за влез во ресторани, на спортски и културни манифестации, нема да се признаваат негативни тестови туку само потврди за целосна вакцинација и потврди за прележан ковид.
„Го воведуваме овој систем во угостителството и на спортските и културни манифестации. Исклучоци кои може да го користат негативниот тест како потврда се децата до 16 години, лицата кои имаат лекарска потврда дена не смеат да се вакцинираат и оние кои не се целосно вакцинирани, но примиле барем една доза од вакцината“,
соопшти денеска чешкиот министер за здравство, Адам Војтех.
ПЦР и антигенските тестови ќе се користат како потврди за влез ќе се користат во домовите за стари лица, болниците и затворите.
Во компаниите, пак, невакцинираните вработени лица ќе мора да се тестираат еднаш неделно, а истото ќе важи и за лицата кои прележале ковид пред повеќе од шест месеци.
Премиерот Андреј Бабиш најави дека ќе се продолжи и со тестирање во училиштата и рече дека очекува ваквите построги рестрикции да ги применува и идната влада.
Меѓутоа, идниот министер за здравство во новата влада, Властимир Валек, изјави дека би сакал барем ПЦР тестовите и понатаму да важат како потврда дека некое лице не е заразено и може да посетува спортски и културни манифестации.
„Убедени сме дека негативен ПЦР тест гарантира на одредено време дека едно лице нема да го загрози здравјето на своето семејство. Тоа не значи дека јас не можам да се заразам подоцна, туку дека нема да ја загрозам својата околина. Мислам дека не треба да го делиме општеството“,
вели Валек.
Она во што се согласуваат и владата во заминување и идната е околу важноста на вакцинацијата на населението и зголемување на нејзиниот опфат, со оглед дека во Чешка комплетно е имунизирана 60 отсто од популацијата што е помалку од просекот во ЕУ.