„Нашата цел е да го измениме законот, да воведеме само еден директор да биде во сите здравствени установи, а идејата е понатаму да се фузионираат одредени клиники во една клиничка болница“, рече министерот за здравство во образложението на предлогот

Предлог – законот за здравствена заштита со кој се овозможува укинување на институцијата економски директор во јавните здравствени установи денеска го помина првиот собраниски филтер во Комисијата за здравство.
Според образложението на министерот за здравство Арбен Таравари, со укинувањето на 40-тина директорски фунцкции, годишно ќе се заштедат околу два милиони евра, средства кои ќе можат да се пренаменат, со цел поефикасна здравствена услуга.
„Нашата цел е да го измениме законот, да воведеме само еден директор да биде во сите здравствени установи, а идејата е понатаму да се фузионираат одредени клиники во една клиничка болница“,
рече Таравари.
По образложението од министерот Таравари, пратеничката од Алијанса за Албанците Илире Даути го критикуваше оти за законот говорел на македонски јазик, а не на албански.
„Воопшто не е добро Арбен Таравари, албански министер во оваа влада за прв пат кога ни се обраќа на нас пратениците Албанци во ова Собрание да ни се обраќа на македонски јазик. Зошто го прави ова мислам дека ќе образложи“,
рече Даути.
На ова претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи ја предупреди Даути дека треба да разговараат за предлог-законот, а не дискусијата да ја претфора во етничко прашање.
На Комисијата Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ повика на разумна одлука за да не се повторуваат искуствата од минатото.
„Како општетсво можеби оддамна требаше да ги надминеме овие работи. Можеби ова е директен пример зошто здравството ни е на ова ниво. Наместо да разговараме за законот и да имаме аргументи како да го подобриме ние разговараме дали некој директор бил Македонец или Албанец, а наместо да разговараме за еден мерит систем каде што ќе биде почитуван перформансот на тој што ќе управува со институцијата, а неважно да биде од која национланост е. Мислев дека некој ќе се јави да искоментира дека со укинувањето на 40 економски директори државата на годишно ниво ќе заштеди околу два милиони евра и да го праша министерот како тие пари ќе бидат инвестирани“,
рече Стојановски.
Фатмир Битиќи од СДСМ оцени дека укинувањето на економските директори нема да овозможи подобро здрвство.
„Не е вистина дека заштедуваме два милиони евра туку 950 илјади евра годишно односно колку за една градинка во годината. Токму заради ваквата рационализација и ваков начин на размислување, јас секогаш сум зборувал за ефикасно трошење на јавните средства и секако ќе го поддржам овој закон“,
рече Битиќи.
Тој праша како со намалување на 40 позиции ќе се врати мерит-системот во здравството.
„Дали тоа значи дека овие организациски директори не биле мериторни за да ја вршат својата работа па сега ќе ги казнуваме. Како освен намалувањето, рационализацијата, зголемување на ефикасноста што се клучни точки во овој предлог – закон ќе се подобри функционирањето на јавните здравствени установи“,
додаде тој.
Таравари одговори дека подобро е да има еден директор кој раководи добро со институцијата без разлика дали е Македонец или Албанец или друга етничка заедница.
„Рационализацијата ќе продолжи и мислам дека ќе штедиме“,
рече Таравари.
Одлука за укинување на економските директори во јавните здравствени установи односно дека ќе се укине постоењето на две управувачки позиции, како организациски и медицински директор, беше донесена на седница на Владата на 2 јули годинава.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари на 24 јуни, два часа откако ја презеде функцијата од заменик-министерката Маја Манолева, најави дека ќе почне да ги разрешува економските директори на клиниките.
Како што кажа Таравари, за два месецa сите ќе бидат разрешени и веќе нема да постои функцијата економски директор, односно на клиниките ќе има само по еден директор.