Пропадна обидот на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и ексминистер за внатрешни работи Митко Чавков преку Уставниот суд да ја урне амнестијата за дел од лицата што кривично се гонеа за настаните во Собранието од 27 април 2017.
Мнозинството уставни судии денеска гласаа „против“ и ја отфрлија иницијативата.
Чавков, кој ја доби највисоката казна за „крвавиот четврток“ од 18 години затвор, пред Уставниот суд сакал да ги оспори членовите 1 и 2 од Законот за амнестија, кој беше донесен во 2018 година, во кои се опишува кој може, а кој не да биде амнестиран, како и тоа дека решенијата за амнестија ги носи судот.
Образложението на поранешниот директор на БЈБ било дека станува збор за дискриминација и селективност, како и дека според Уставот, Собранието е тоа кое дава амнестија, а не судот.
Оваа иницијатива се најде пред уставните судии на денешната седница, но мнозинството судии се изјаснија против уште во самата дискусија.

„Уставниот суд не може да се стави на место на Собранието и да ја врши неговата улога, туку има овластување да каже дали тоа има овластување за нешто што е направено или не“, рече судијата известител Владимир Стојановски.
Судијата Осман Кадриу, во дел од своето излагање, посочи дека не смета оти со Законот за амнестија Собранието направило дискриминацијата.
„Во тој кривичен настан – ‘крвавиот четврток’ – нема основи да се посомневаме дека законодавецот врши дискриминација. Право е на законодавецот од конкретен настан или од повеќе настани да ги издвои делата за кои ќе дава, а за кои нема да дава амнестија“, рече Кадриу.
Со судскиот процес за случајот „27 април“ беа опфатени вкупно 33 лица. Со Законот за амнестија, 15 од нив добија амнестија, но ексдиректорот на БЈБ не беше опфатен, исто како и останатите вработени во МВР и директните извршители на насилството.
Амнестијата ги опфати петтемина пратеници: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, од кои првите тројца потоа гласаа и за уставните измени. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.
Со амнестијата се спасија: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Покрај 15. обвинети, амнестирани беа уште 10 други лица опфатени во помалите предмети кои се однесуваа на учество во толпа.
Обвинението за организаторите сè уште чека оцена
Обвинителниот акт за организаторите и нарачателите на настаните од 27 април 2017, пак, сè уште чека оцена. По низата одолговлекувања поради изземањето на 8 од 9 судии во Одделот за организиран криминал, седницата во Основниот кривичен суд треба да се одржи на 6 декември.
Со ова обвинение опфатени се поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, екссобранискиот спикер Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Во овој случај осомничени се и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.