Се очекува ова да биде завршено за 2-3 години
Булеварот „Цветан Димов“ во Чаир ќе се прошири на шест коловозни ленти, а на овој потег е предвидено да минува втората траса од најавениот брз автобуски превоз.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, најави дека денеска почнува постапката за јавна набавка за изработка на основниот проект за реконструкција и изградба на булеварот, на потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“. Проектната задача, како што рече, предвидува модерно булеварско решение со 6 коловозни ленти, по 3 во една насока, тротоари, велосипедски патеки, зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1 100 метри.
„Конечно еден од најгорливите проблеми во нашиот град ќе почнеме чекор по чекор да го надминуваме. Моите очекувања се 2 до 3 години од сега ќе зборуваме за сосема поинакво Скопје, за сосема поинаков Чаир. Ова неформално значи и изградба на втората траса на ‘Бас рапид транзитот’ имајќи предвид дека тука имаме коридор по кој ќе се движи до железничката во Бутел“,
рече Шилегов.
Изведбата на овој проект, според анализите на Град Скопје, се проценува дека ќе изнесува до 6,5 милиони евра, а проширувањето подразбира и експропријација и отстранување објекти кои се наоѓаат на самата траса.
„Свесен сум дека ќе уриваме неколку објекти, ќе го надоместиме тоа, но многу повеќе сум свесен дека тоа ќе биде трајното решение за овој дел од градот. Кога ќе ги ставите на кантар зијанот и бенефитот што го добиваат граѓаните, тогаш дефинитивно станува збор за еден поголем бенифит“,
рече Шилегов.