Вицепремиерот својот став го темели и на фактот што од 1 јули претседавањето со ЕУ го презема Германија, најмоќната членка на Унијата и силен поддржувач на политиката на проширување кон Западен Балкан
Проценките на вицепремиерот за европски прашања се дека Северна Македонија и де факто ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија до крајот на оваа година. Бујар Османи, во интервју за МИА, вели дека е реално да се очекува дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка во втората половина на 2020 година, под услов да нема поголеми поместувања во внатрешните политички процеси на самата Унија.

Ако тоа се оствари, според Османи, се отвораат вратите за одржување на првата меѓувладина конференција, што е фактички почеток на преговорите, до Нова година. Вицепремиерот својот оптимизам го темели и на фактот што од 1 јули претседавањето со ЕУ го презема Германија, најмоќната членка на Унијата и силен поддржувач на политиката на проширување кон Западен Балкан.

„Секако е клучно и претседавањето на Германија со Европската Унија во овој период, земја која е силен поддржувач, може да се рече и предводник на процесот на проширување, која сигурно нема да ја пропушти можноста и ќе даде сè од себе за успех и одржување на првата меѓувладина конференција за време на нивното претседателство“,
вели Османи.
Османи: Позииците на Бугарија не се став на ЕУ, туку на една земја членка
За односот на Бугарија, која своите позиции ги приклучи кон мартовските заклучоци на Советот за општи работи на ЕУ, Османи вели дека тоа е издвоено мислење кое не е став на Европската Унија, туку е став на една земја членка.
„Тоа не ја отстранува нивната формална можност во секој дел и период од преговорите да ја употребат можноста за вето, но тие тоа можеа да го сторат и на Советот во март, кога се носеше одлука за почеток на преговорите“,
вели Османи.
Софија задоволна од заклучоците во декларацијата од Загреб
Во Декларацијата од Загребскиот сами одржан во средата се наведува дека „имплементирањето на билатералните договори во добар дух со видливи резултати, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, останува важно“. Ваквиот заклучок го поздрави официјална Софија, која смета дека со таквиот речник истовремено се испочитувани нејзините интереси и им се порачува на властие во Скопје дека договореното мора да се спроведе. Бугарскиот премиер, по завршувањето на Самитот што се водеше преку видео-врска, предупреди дека ако некој отстапи од тој документ Бугарија при секое преговарачко поглавје може да блокира.

„Нека си водат предизборна кампања, но не на сметка Бугарија зашто, да, ние цврсто ги поддржуваме, но и цврсто опстојуваме на историјата и на она што многу јасно е напишано во Договорот за добрососедство“,
изјави Борисов.