Коџабашев ги коментираше измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политички партии во Северна Македонија, наведувајќи дека властите во Софија стравуваат дека со нив може да се ограничи правото на здружување
Бугарското Министерство за надворешни работи со особено внимание ја следи, како што наведува, „кампањата на опозицијата во Република Северна Македонија против бугарските клубови и нејзино инструментализирање за внатрешно-политички цели“, изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.
„Внимателно ги следиме заканите од лидерот на опозицијата во РСМ, Христијан Мицкоски, кој тврди дека бугарските клубови таму ќе бидат затворени. На 25 ноември има состанок на историската комисија, кој овојпат ќе се одржи во Скопје“,
изјави Коџобашев.
Според него, вакво однесување е единствено во корист на фактори или трети страни, кои имаат интерес да ја попречат европската интеграција на Северна Македонија.
Коџабашев ги коментираше измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политички партии во Северна Македонија, наведувајќи дека властите во Софија стравуваат дека со нив може да се ограничи правото на здружување.
Тој истакна дека со законските измени се воведува нова комисија за имиња на личности, прашувајќи кој ќе има контрола врз ставовите на комисијата, дали се обезбедува правото на обжалување на нејзините одлуки, какви се критериумите од кои комисијата ќе се води во својата работа.
Коџабашев исто така наведе дека сега претстои Владата во Скопје да одлучи дали и кога ќе го испрати Законот за здруженија и фондации за мислење до Венецијанската комисија.
„Бугарија смета дека ако се водело соодветно внимание и грижа за човековите права, таков важен предлог-закон требало претходно да се испрати на мислење, бидејќи сега во практика законот почна да се применува“,
додаде тој.