Од бугарското Министерство за надворешни работи нагласуваат дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди и ги повикуваат властите во Скопје да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза
Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска преку писмено соопштение вели дека изразува длабоко разочарување и категорично ги осудува последните изјави на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кои како што посочуваат оттаму, не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење на добрососедските односи и европската интеграција на земјава.
Во соопштението насловено „Позиција на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија“ не е наведено за кои изјави на премиерот Мицкоски станува збор, но според бугарските медиуми, реакцијата се однесува на денешната изјава на премиерот во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Имено, Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања од опозицијата, одговарајќи на прашање на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев за состојбата со Македонците во Албанија и дали нашата Влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча, рече дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
Во реакцијата, од бугарското МНР нагласуваат дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди.
Во таа насока оттаму велат дека напредокот во процесот на европска интеграција на земјава е можен само преку „целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ“.
„Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето нивна еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“,
се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
Оттаму велат дека, исто така, сакаат да привлечат внимание на фактот дека огромен број граѓани на земјава се стекнале со бугарско државјанство, „признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет.
На крајот од соопштението, од Министерството за надворешни работи на Бугарија ги повикуваат властите во Скопје да се воздржат од реторика која, како што се наведува, поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата.
„Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“,
велат од бугарското МНР.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи денеска на прашањето на пратеникот Апасиев од собраниската говорница рече дека на пописот во 2011 година во Албанија како Македонци се декларирале 5 500 лица, а како Бугари нула, додека на последниот попис лани таа бројка била 2 300 Македонци и околу 8 000 Бугари.
„Прашањето е следно: Ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе од осум илјади Бугари, а во 2011 година 5,5 илјади Македонци, а сега има 2300, теоретски останатите три илјади да потпаднале под асимилаторската бугарска политика, како што вие велите, овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до осум илјади, што се, Албанци? Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде. Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие осум илјади да ги стави во Уставот? Тоа е суштинското прашање. Јас би сакал ние да разговараме како граѓани Македонци и останати, не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и Власи. Ајде да видиме зошто дозволивме ова да се случи. Тоа е суштинското прашање“,
рече Мицкоски.
Уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата на највисокиот правен акт, како една од заедниците, се услов земјава да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, односно да ја одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ и да почне со отворање на поглавјата и кластерите од преговарачкиот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој изрази подготвеност за средби со новата политичка влада на Бугарија, минатата недела одговарајќи на новинарски прашања рече дека засега нема детали кои би можел да ги сподели со јавноста, а да се однесуваат на евентуалната средба со новиот бугарски премиер Росен Жељазков.
„Немаме намера по која било цена да одиме со главата во ѕид, нема по која било цена да потпишуваме сè што ќе ни биде ставено на маса. Нашите размислувања и политики ги знаете. Имаме легитимитет од народот и мора да го слушаме народот. Политичари коишто не го слушаат народот завршуваат многу лошо“,
изјави Мицкоски одговарајќи на прашањето дали исконтактирал со бугарските колеги за да започне дијалогот за кој тој изрази подготвеност и за тоа каков повратен одговор добил доколку стапил во контакт.