Лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова ги повика другите пратеници на оваа тема да не бидат ниту русофили ниту русофоби, туку да бидат бугарофили. Според неа, оваа одлука била во интерес на здравјето на бугарскиот народ
Бугарските пратеници на последната седница ја отфрлија предлог-одлуката за купување на руската вакцина против коронавирус „спутник В“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, предлогот бил поднесен од пратениците на БСП, кои ова го бараа и во претходниот состав на бугарскиот парламент, но и тогаш нивниот предлог не беше поддржан.
Според Бугарската социјалистичка партија, со руската вакцина ќе се спречи нарушување на утврдениот национален план за вакцинација бидејќи, според нив, имало одложувања и нередовно доставување на веќе одобрените вакцини од ЕУ.
БСП го посочи примерот на Унгарија, која купи руска, па дури и кинеска вакцина, користејќи го своето право самостојно да преговара за купување надвор од општите договори склучени од Европската Унија.
Лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова ги повика другите пратеници на оваа тема да не бидат ниту русофили ниту русофоби, туку да бидат бугарофили. Според неа, оваа одлука била во интерес на здравјето на бугарскиот народ.
Поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов, кој беше и мандатар на ГЕРБ, потсети дека Европската агенција за лекови сè уште не ја потврдила безбедноста на руската вакцина. ГЕРБ остро се спротивстави на нацрт-одлуката.