Според бугарскиот в.д. министер за надворешни работи Николај Милков, постигнатиот компромис со т.н. француски предлог, спроведувањето на Договорот од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија го поставија механизмот за решавање на постојните прашања. Следниот чекор, се додава во соопштението, е реализација на конкретни резултати
Со именување на амбасадор на Северна Македонија во Софија конечно е надминат дефицитот во билатералниот дипломатски дијалог што ќе даде можност активно да се продолжи со работа на клучните прашања од политичката агенда меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Ова го нагласил бугарскиот в.д. министер за надворешни работи Николај Милков на средбата со новоименуваната македонска амбасадорка во земјата, Агнеса Руси Поповска.
Како што објави бугарското МНР на својата веб-страница, според Милков, постигнатиот компромис со т.н. француски предлог, спроведувањето на Договорот од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија го поставија механизмот за решавање на постојните прашања. Следниот чекор, се додава во соопштението, е реализација на конкретни резултати.
„На средбата се разговараше за можностите за развој на длабинска и ефективна секторска соработка. Во таа насока, со задоволство беше забележан позитивниот тренд во трговско-економските односи и зголемувањето на билатералната трговска размена, како и активната активност на културните центри од двете земји“,
се наведува во објавата на бугарското МНР.
Дополнително, се додава дека министерот Милков изразил загриженост за последните случувања во билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, конкретно поврзани со правата на Бугарите во земјава.
Бугарското МНР во своето соопштение додава дека двете страни се обединиле оти од заеднички интерес е да се фокусираат повеќе напори за надминување на влијанието на негативните манифестации и повторно да се активира позитивната динамика во билатералните односи.
На крајот од разговорот, Милков ѝ посакал на Поповска успех на функцијата и ја уверил дека во лицето на МНР има конструктивен партнер, подготвен за директна и отворена комуникација за сите прашања од билатералната агенда.