Бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, наредната недела ќе престојува во посета на земјава.
Ќучук ова го објави во интервју за Канал 5 ТВ, во кое вели дека доаѓа во Скопје на средби со државно-политичкиот врв во земјава. Најави дека ќе се сретне со: претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, со координаторите на политичките партии во парламентот.
„Постои потреба од разговори, затоа што патот на реформите треба да продолжи“,
велие Ќучук.
Од средбите очекува конкретни ангажмани, кои Владата на Заев и досега ги демонстрирала на патот кон членството во ЕУ. Тој вели дека сака да добие појасна слика и детални информации за реформите кои претстојат во земјата.
За спорот меѓу Скопје и Софија вели дека билатералните прашања треба да се решаваат меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија, констатира дека има нарушен дијалог и порачува дека е важно да се вратиме повторно кон Договорот за добрососедство од 2017.
Ќучук посочува и дека историјата не треба да не одвлекува од разговорите за иднината, а инфраструктурните, образовните и културните проекти треба да продолжат.