Даниел Лорер од „Промената продолжува“, кој првично беше најавуван како можен шеф на бугарската дипломатија, смета дека со продолжен и позитивен дијалог со македонската страна ќе бидат постигнати условите, не само историски, туку и економски, академски, како и културни за врските меѓу двете држави
Бугарски национален интерес е Република Северна Македонија да се приклучи кон Европската Унија, пат на кој следен чекор е почеток на преговорите со Скопје. Отворањето на преговорите со Република Северна Македонија треба да биде важна цел за бугарската дипломатија, изјави бугарскиот министер за иновации Даниел Лорер за БНР.
Како што пренесува МИА од Софија, Лорер, кој првично беше најавуван како можен шеф на бугарската дипломатија, нагласил дека национален интерес е и Бугарија да се претвори во исклучително богата и социјално праведна држава, која е опколена со исти такви соседи.
Бугарскиот министер за иновации, кој е од редовите на колаицијата „Промената продолжува“, предводена од новиот бугарски премиер, посочи дека за соседите на Бугарија патот кон богатството и социјалната правда минува низ членството во ЕУ.
„Со еден продолжен и позитивен дијалог со македонската страна ќе бидат постигнати условите, не само историски, туку и економски, академски, како и културни за врските меѓу двете држави. Тоа треба да се случи за да се почуствува секоја од двете страни далеку посигурна во тој дијалог“,
нагласи Лорер.
За изјавата на Слави Трифонов, Бугарија да и дозволи влез на Северна Македонија во Европска Унија, ако Соединетите Американски Држави ги укинат визите за бугарските граѓани и земјата веднаш да стане членка на Шенген зоната, рече дека мислењето на Трифонов е интересно, бидејќи на тој начин тој поврзува еден билатерален спор со Европската Унија и со САД.