Реакција од владата во Софија за БГНЕС на изјавата на германската канцеларка дека контактира со Борисов и очекува решавање на прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ во скоро време
Напорите на бугарската страна отсекогаш беа и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни, велат од прес-службата на бугарската влада за БГНЕС коментирајќи ја изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел дека е во контакти со бугарскиот премиер Бојко Борисов за решавање на прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ во скоро време.
Од бугарската влада истакнуваат дека Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како и нивните тимови се во редовна комуникација на сите теми од заеднички интерес.
„И премиерот Борисов и канцеларката Меркел се заинтересирани да најдат решение за ова прашање. Напорите на бугарската страна отсекогаш биле и продолжуваат да бидат насочени кон постигнување дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но за оваа цел тоа мора да го сакаат и да го спроведат двете страни. Бугарија има целосно разбирање за овие напори на нејзините партнери во ЕУ“,
се вели во одговорот од бугарската влада за БГНЕС.
Оваа изјава Меркел ја даде одговарајќи на прашање на претседателот на Комисијата за европски прашања на Бундестагот, Гинтер Крихбау, кој зборуваше за злоупотреба од страна на земјите членките кон земјите кандидати за да ги промовираат своите билатерални прашања.