Привремената влада во Бугарија да стане редовен владин кабинет, предлага претседателката на коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“, Маја Манолова. Смета дека со своето однесување, најголемите политички сили можат да ја втурнат земјата во политичка криза.
„Активностите на привремената влада се одобрени од бугарските граѓани. Тоа нема да биде влада на една партија, туку на граѓаните. Не сакаме министерски места, сакаме да се случат промени и да се смени моделот. Да има власт која ќе се зафати со решавање на проблемите на бугарските граѓани“,
додава Манолова.
Нејзината коалиција веќе се изјасни дека нема да го поддржи предложениот владин кабинет на Трифонов. Манолова вели дека би поддржале влада чиј приоритет ќе биде зголемување на приходите на граѓаните, која ќе обезбеди директна финансиска поддршка на мали компании, млади семејства, ќе направи реформа на судството итн.
„Под светлата во парламентот, за време на уставната постапка, ќе го коментираме предлог – кабинетот на Слави Трифонов, а не во телевизиски изјави. Народот сака стабилност и влада што ќе започне веднаш да ги решава проблемите на бугарските граѓани“,
истакна Манолова.
