Во изјави за МИА, Кирил Петков и Асен Василев посочуваат дека моментно никој ниту во Бугарија, ниту во Северна Македонија, нема корист од тоа што меѓу двете земји нема најдобри меѓусоседски односи: Нивната коалиција е на добар пат да стане втора политичка сила во Бугарија, по утрешните парламентарни и претседателски избори
Бараме нов пристап за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија, изјави за МИА копретседавачот на бугарската коалиција „Промената продолжува“ и поранешен министер за економија на Бугарија, Кирил Петков.
„На Балканот живеат 65 милиони луѓе и кога би можеле да имате единствен пазар, слободна трговија, инфраструктурни врски и да летаме од Скопје до Софија за 40 минути, сите ќе живеат подобро. Балканизацијата и поделбите во регионот, спречија да работиме на поголемата цел и да бидеме подобри“,
додаде Петков
Тој нагласува дека пред неколку месеци, на средба со заменик-министерот за економија на Северна Македонија, се договориле да разговараат за заедничката трговија, како и за тоа кои се бугарските и македонските добавувачи на стоки и услуги и кои се клиентите во Бугарија и Македонија.
„Видовме дека Софија и Скопје имаат многу можности за заедничка корист. Проблемите ги запреа таквите можности, од кои двете земји можат да имаат корист и да напредуваат. Бугарија и Северна Македонија мора да работат заедно и тоа мора да се направи со работни групи, кои мора да бидат составени не само од историчари, туку и од луѓе од бизнисот, науката и културата, за да можат да зборуваат за она од што сите ќе имаат корист, а не за она од што едната или другата страна потенцијално би можела да загуби“,
вели Петков
Според него, тоа треба да се прави во еден континуиран процес, кој нема да се случува еднаш на четири месеци, туку секој месец со конкретни резултати, за да може Бугарија да увиди која е темата за која Северна Македонија е најмногу заинтересирана.
Петков оценува и дека во моментов никој ниту во Бугарија, ниту во Северна Македонија, нема корист од тоа што меѓу двете земји нема најдобри меѓусоседски односи.
„Треба да ја смениме парадигмата во нашите односи и да видиме кои се заедничките економски работи што можат да ги направат двете земји. Како на пример, зошто нема авиокомпанија што лета од Софија до Скопје. Тоа треба да биде темата“,
додава Петков.
Другиот копретседавач на „Промената продолжува“, Асен Василев, кој е поранешен министер за финансии на Бугарија, исто така во изјава за МИА, оценува дека во односите меѓу двете земји треба да се зборува за иднината и за сегашноста.
„Луѓето треба да се чувствуваат спокојни, никој да не биде угнетуван, треба да има заеднички бизниси, групи студенти од двете земји да можат да се посетуваат меѓусебно, да се организира балканско фудбалско првенство, а не само бугарско-македонско, и луѓето да се запознаат и да живеат поспокојно и во двете земји. Тогаш фокусот на историјата ќе се префрли на сегашноста и на она што можеме заедно да го направиме во иднина, бидејќи ако само гледаме назад, никогаш нема да направиме чекор напред“,
смета Василев.
Според Петков, доколку историчарите од заедничката комисија за историски и образовни прашања имаат јасен мандат, се среќаваат еднаш месечно и постигнат резултати, многу побрзо ќе се надминат работите што го оневозможуваат чекорот што го посакува Северна Македонија – старт на преговорите со ЕУ.
„Тоа се прави со работа, а не со сакам – не сакам. Од двете страни треба да си подадеме рака, да бидеме добри соседи и да почнеме да зборуваме за сите позитивни работи што можеме да ги добиеме, како и за сите работи што треба да се расчистат меѓу нас. Не е добро проблемите да бидат ставени под тепих. Проблемите мора да се решат“,
истакна Петков.
Асен Василев и Кирил Петков во изјавите за МИА се категорични дека тоа може да се постигне со заедничка работа и дејствување на екипи од двете земји.
Петков нагласува дека нивната коалиција не се плаши од никого и тоа го сакаат бугарските граѓани. Слоганот на коалицијата „Промената продолжува“ е „Нам не ни е страв“, истакнува Петков.
Василев додава дека логото на нивната коалиција е „отворена врата“, истакнувајќи дека вратата е отворена за сите, но неопходни се работа и добри мисли „за да можеме заедно да изградиме подобра иднина“.
Петков истакна дека има многу блиски пријатели во земјава кои му велеле дека луѓето од двете страни на границата имаат симпатии едни кон други, но дека некои политичари ја „замешале работата“.
„Овој пат, ако зависи од бугарската страна, политичарите нема да бидат проблем“,
нагласува Петков
Василев додава дека нивната коалиција ќе работи на формирање нова влада на Бугарија, по утрешните трети парламентарни избори за една година, нешто што, како што нагласува, не се случило во новата и поновата историја на земјата.
Според Василев, нивната коалиција сака да формира влада која ќе работи за народот и обичните граѓани и ќе ја спречи големата корупција во Бугарија. Нивна цел, како што нагласува, е парите од коруптивните зделки да бидат пренасочени во здравството, образованието и подобрување на инфраструктура во Бугарија.
„Не е нормално од Софија до Скопје да се лета преку Виена, како и дистанцата меѓу двата града со автомобил да се минува за четири и пол часа“,
потенцира Василев.
Според анкетите на јавното мислење во пресрет на утрешните парламентарни избори во Бугарија, коалицијата „Промената продолжува“ на Василев и Петков би можела да стане втора политичка сила во земјата, веднаш по партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.Во битката за „второто место“ е и Бугарската социјалистичка партија.