Според 13-годишниот договор, течниот природен гас што Бугарија ќе го купува на меѓународните пазари ќе се истоварува и преработува во турските терминали за ЛНГ, а потоа ќе се пренесува преку турската гасна мрежа „Ботас“ во Бугарија. Договорот предвидува од Турција до Бугарија да се пренесуваат околу 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно
Бугарската државна гасна компанија „Булгаргаз“ денеска потпиша долгорочен договор со турската државна компанија за пренос на гас „Ботас“, со што ќе Бугарија ќе добие пристап до гасната мрежа на соседна Турција и терминалите за течен природен гас (ЛНГ) што ќе и помогне на земјата да ги замени испораките што ги обезбедуваше од Русија.
Според новиот 13-годишен договор, течниот природен гас што Бугарија ќе го купува на меѓународните пазари ќе се истоварува и преработува во турските терминали за ЛНГ, а потоа ќе се пренесува преку турската гасна мрежа „Ботас“ во Бугарија. Договорот предвидува од Турција до Бугарија да се пренесуваат околу 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно.
Според бугарскиот министер за енергетика, Росен Христов, договорот со Турција го решава проблемот со недостигот на доволна инфраструктура во Бугарија за истовар на течен природен гас.
„Со овој договор обезбедуваме можност да купиме гас од сите светски производители и да го истовариме во Турција, што логистички најмногу ѝ одговара на Бугарија“,
вели Христов.
Тој додаде дека Бугарија не може да контролира каков гас ќе влезе во Бугарија, но дека Софија ќе се погрижи да потпише договори за испораки на ЛНГ кои не се од Русија.
Бугарија веќе има потпишано долгорочен договор со Азербејџан за речиси една милијарда кубни метри природен гас што го добива преку гасната мрежа на Турција. Остатокот од потребите на Бугарија, кои се нешто повеќе од три милијарди кубни метри годишно, се покриваат преку увоз на ЛНГ од Грција.
Бугарија, која пред инвазијата на Москва во Украина беше речиси целосно зависна од рускиот гас, бара алтернативни испораки на гас по разумни цени откако Русија ги прекина испораките во април поради одбивањето на Софија да плати во рубли.