Според лидерот на „Има таков народ“, доколку добијат поддршка во парламентот, ќе владеат, ако не – ИТН не се плаши од нови избори
Два дена по врачувањето на мандатот за составување влада расте јазот помеѓу потенцијалните партнери „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов и „Демократска Бугарија“ (ДБ) на Христо Иванов. Нема покани за преговори, но има жестоки меѓусебни обвинувања.
Лидерот на ИТН, Слави Трифонов, доцна попладнето објави 26-минутно интервју на социјалните мрежи во кое категорично порача дека неговата партија нема да прифати да и се поставуваат услови и да и се нудат министри. Тие ќе кажат кои се нивните кандидати за влада предводена од Пламен Николов, ќе му ги претстават на претседателот Румен Радев, а тој ќе го воведе предлог-кабинетот во парламентот. Според Трифонов, доколку добијат поддршка во парламентот, ќе владеат, ако не – ИТН не се плаши од нови избори.

Настапот на Трифонов е одговор на критиките кои на негова и на сметка на ИТН во текот на денот стигнаа од Христо Иванов, копретседател на „Демократска Бугарија“, една од протестните партии без чија поддршка тешко би се изгласала влада предводена од ИТН. Иванов обвини дека начинот на кој се носат одлуки во ИТН, со концентрирање на моќта околу лидерот Трифонов, е идентичен на манирите со кои владееше Бојко Борисов. Тој изрази и недоверба во подготвеноста на мандатарот од редовите на ИТН, Пламен Николов, да предводи влада на промени.
Од фејсбук-интервјуто на Трифонов, пак, стана јасно дека една од главните причини за тензијата е предлогот на Христо Иванов во новата влада да останат тројца од министрите од службената влада. „Кирил Петков, Асен Василев, проф. Денков можат со голема доверба да придонесат за составот на влада“, рече претседателот на „Демократска Бугарија“ од парламентарната говорница.
Одговорот на лидерот на ИТН гласи:
„Чекај, бе, од каква позиција ги предлагаш? Дали некој барал од тебе да предлагаш? Како што предлагаш – како четврта политичка сила ли“.
Според Трифонов, „нешто се случува зад сцената“. Затоа однесувањето на „Има таков народ“ од овој момент ќе биде следново:
„Премиерот што го предложивме оди кај претседателот, му ја дава структурата на владата и претседателот ја доставува до парламентот. И парламентот гласа. И ‘Демократска Бугарија’ има можност да ја поддржи или не“.
ИТН на Трифонов освои најголем број пратеници на последните избори – 65, но тоа е далеку од доволно за самостојно владеење. Бугарското Народно собрание брои 240 пратеници, а владата се смета дека е избрана ако за неа гласале мнозинство од присутните на седницата што значи дека е можен избор и без поддршка од апсолутно мнозинство, односно од најмалку 121 пратеник. Сепак, за стабилно владеење, носење закони и други одлуки, неопходно е владата да може да смета на поддршка од мнозинство од вкупниот број пратеници.
Од потенцијалните партнери на ИТН, „Демократска Бугарија“ освои 34 пратенички мандати на изборите, а „Исправи се!“ стигнаа до 13 места. Бугарската социјалистичка партија која, исто така, е во комбинација за поддршка на влада на ИТН, има 36 пратеници во овој состав на парламентот.
ИТН има уште пет дена за консултации.