На средбата со бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков во Софија, министерката Славјанка Петровска беше децидна дека Бугарија на западната граница има сојузник, со кој заедно ја гради колективната безбедност
Посетата на министерката Петровска на Софија, според бугарските медиуми, е продолжение на контактите на високо ниво започнати на почетокот на годината во обид за нормализирање на односите меѓу двете земји во контекст на евроинтеграциите на Република Северна Македонија и ветото наметнато прво од Франција, а потоа и од Бугарија од 2020 година
Министрите за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска и на Бугарија, Драгомир Заков, на денешната официјална средба во Софија разговарале за безбедноста на Западен Балкан и безбедноста воопшто откако Русија ја нападна Украина, како и за заедничките воени вежби.
Бугарскиот министер за одбрана Заков, како што јави МИА, изјавил дека Бугарија секогаш ја поддржувала евроатлантската ориентација на Северна Македонија, како и членството на Северна Македонија во Алијансата.
„Има многу јасна задача дека нашите идни генерации, никогаш повеќе Балканот, можеби во дел од Западен Балкан, нема да се споменуваат како буре барут на Европа“,
рече Заков, а пренесе МИА.
Според него, сепак, постојат доста сериозни ризици за земјите од Западен Балкан, за регионот во кој се наоѓаат двете соседни земји, така што како членки на НАТО, мора да се направи сè што е потребно за да се спречи ширењето на војната во Украина надвор од границите на таа држава.
На средбата, министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска рече дека Бугарија има сојузник на нејзината западна граница.
„Неиспровоцираната агресија врз независна и суверена Украина докажува дека нема траен мир. Мирот и стабилноста се нешто на што мораме да работиме сите заедно“,
рече Петровска.
Петровска беше децидна дека Бугарија на западната граница има сојузник, со кој заедно ја гради колективната безбедност, а меѓу другото, додаде дека Северна Македонија е заинтересирана за обука на воени лекари во бугарската воено-медицинска академија и поморската школа Никола Вапцаров во Варна.
Посетата на министерката Петровска на Софија, според бугарските медиуми, е продолжение на контактите на високо ниво започнати на почетокот на годината во обид за нормализирање на односите меѓу двете земји во контекст на евроинтеграциите на Република Северна Македонија и ветото наметнато прво од Франција, а потоа и од Бугарија од 2020 година.