Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто викендов се закани дека ќе стави вето на обидот на Бугарија да се приклучи на Шенген, доколку Софија продолжи со, како што рече, „казнената“ давачка
Бугарија денеска го укина данокот за транзит на руски гас преку нејзина територија, откако Унгарија се закани дека ќе стави вето на обидот на Софија да влезе во зоната за слободно патување Шенген.
Пратениците во бугарскиот Парламент едногласно го поддржаа предлогот за укинување на надоместокот од 20 лева (10 евра) за мегават-час (MWh) за рускиот гас што оди од турскиот гасовод до Унгарија и Србија.
Бугарските медиуми пренесуваат дека и покрај прекините поради противењето на опозицијата, дополнителната такса за транспорт на руски гас преку Бугарија беше укината со гласање и беше прифатен амандманот со кој се забрзува укинувањето на ограничувањата за увоз на руска нафта, што првенствено ја погодува рафинеријата Лукоил Нефтохим.

Мерката беше одобрена на 13 октомври и имаше за цел да го „намали профитот“ на Гаспром, но се покажа како тешка за спроведување, бидејќи рускиот гасен гигант никогаш не платил ништо за испорака на гас.
И Унгарија и Србија, кои се во голема мера зависни од руските енергетски извори и сакаат да одржуваат добри односи со Кремљ, оценија дека данокот е „непријателски потег“ што ја загрозува нивната енергетска безбедност.
Реакции за бугарската такса имаше и од македонска страна. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна рече дека тоа е нелегално воведена такса, која треба да се отстрани, и најави дека С Македонија како држава ќе ги искористи сите правни можности кои ѝ стојат на располагање за нејзино отстранување.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто викендов се закани дека ќе стави вето на обидот на Бугарија да се приклучи на Шенген, доколку Софија продолжи со, како што рече, „казнената“ давачка.
Според него, Унгарија е подготвена да го укине ветото веднаш штом ќе се укине данокот.
„Неколку пати му кажав на (унгарскиот премиер) Виктор Орбан дека овој данок не е насочен против Унгарија. Веројатно имаат некакви сомнежи или ги користат како изговор да нè блокираат,
рече бугарскиот премиер Николај Денков.
Додаде дека е важно да се отстрани оваа пречка и да се знае дека со Унгарија не треба да имаат проблеми за Шенген.
Холандија пред неколку дена одлучи дека Софија сега ги исполнува условите за вклучување во Шенген-зоната, а Австрија исто така неодамна го олесни своето противење.
