Двете партии со најголем број пратеници во бугарскиот парламент – ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промената (ПП) на Кирил Петков и Асен Василев во вторник седнуваат на преговарачка маса.
Средбата ќе се одржи во Народното собрание и се најавува како експертска. Бојко Борисов нема да присуствува, а неговата ГЕРБ ќе ја претставуваат Десислава Атанасова, Кирил Ананиев, Деница Сачева и Дељан Добрев. Во името на ПП, пак, покрај експерти, ќе присуствуваат и копретседателите Петков и Василев.
Шансите за формирање влада, но со третиот мандат што би го дал претседателот Румен Радев, лидерот на ГЕРБ ги оцени како 100-отстотни. Според Борисов, изминатата недела покажала дека Бугарија има силен парламент, во кој се собираат доволно големи мнозинства за да се гласаат политики клучни за земјата. Ова, вели Борисов, е вистинската формула за работа во иднина.
„Како ќе се конфигурира владата? Дали со прв, втор или поверојатно со трет мандат. Тука мора да биде вклучен и претседателот. Како што повика Христо Иванов да се свика Консултативниот совет за национална безбедност. Третиот мандат треба да оди таму каде што ќе има влада и тоа треба да го кажат партиите кај претседателот“,
рече Борисов.
Од Продолжување на промената потврдија дека ќе присуствуваат. Но, потенцираа дека ова не е средба за поддршка на првиот мандат (на ГЕРБ).
„Од самиот почеток на Народното собрание кажавме дека ќе работиме на спроведување на политиките што им ги ветивме на граѓаните“, изјави Искрен Арабаџиев од Продолжуваме со промената. И Никола Минчев од ПП, во изјава за БНТ, изразил надеж за плоден дијалог.
„Ние наведовме конкретни точки за кои би ги поддржале другите, така што продолжуваме целосно на оваа линија. Не би рекол дека тоа ни отвора можност да дадеме политичка поддршка за спроведување на првиот мандат. Како конструктивна опозиција, можеме да поддржиме и мнозинство, со кое наоѓаме заеднички јазик за овие конкретни точки“,
рече Минчев, кој беше претседател на Народното собрание додека ПП беше на чело на Владата.
Потпретседателката Илијана Јотова ги повика пратениците да работат на прашањата важни за народот.
„Станува сè повеќе и повеќе збунувачки, мислам. Сите политички сили зборуваат за тоа како е потребна стабилна влада бидејќи таа треба да спроведе важни реформи. А во исто време како да се се поголеми растојанијата меѓу нив“,
коментира таа.