Во извештајот на Европската комисија се наведува дека Бугарија ги исполнува четирите номинални критериуми, кои имаат за цел да утврдат дека земјата и нејзината економија се подготвени да го усвојат еврото
Европската комисија и Европската централна банка ѝ дадоа зелено светло на Бугарија за усвојување на еврото од 1 јануари 2026 година, со што би станала 21. земја која се приклучува во еврозоната.

Во извештајот на Европската комисија се наведува дека Бугарија ги исполнува четирите номинални критериуми, кои имаат за цел да утврдат дека земјата и нејзината економија се подготвени да го усвојат еврото. Се вели дека економијата и пазарите на Бугарија се интегрирани со остатокот на Европската Унија, како и дека законодавството на земјата е компатибилно со статутот на Европскиот систем на централни банки и на Европската централна банка.
„Денес Европската комисија заклучи дека Бугарија е подготвена да го усвои еврото од 1 јануари 2026 година – клучна пресвртница што би ја направила дваесет и првата земја членка што се приклучила на еврозоната“,
се наведува во соопштението на ЕК.
Проценката на Европската комисија е наведена во Извештајот за конвергенција за 2025 година, подготвен на барање на бугарските власти. Надополнета е со Извештајот за конвергенција на Европската централна банка.
Во пресрет на одлуката на ЕК и ЕЦБ, во центарот на Софија се одржаа протести против воведување на еврото.
