Премиерот во заминување најави дека, како претседател на партијата која освои најмногу мандати на изборите на 4 април, ќе предложи друг кандидат за формирање влада, со изразена европска и НАТО-ориентација
Јас нема да бидам кандидат за премиер во новиот кабинет што ќе го предложи ГЕРБ. Ќе биде номиниран друг кандидат, изјави денеска бугарскиот премиер во заминување Бојко Борисов при посета на Велико Трново.
Борисов, кој е претседател на досега владејачката партија ГЕРБ, која освои најмногу мандати во новиот состав на бугарскиот парламент, ама не и доволно за формирање влада, најави дека ќе предложи друг премиер со изразена европска и НАТО ориентација.
„Имаме една недела според Уставот да формираме кабинет. Ќе има стари министри, а ќе има и нови“,
додал Борисов, како што пренесуваат бугарските медиуми.
Тој повика на одговорност на другите партии во парламентот.
На прашање дали предлогот за премиер ќе биде Томислав Дончев, Борисов одговорил категорично „не“ и објаснил дека тој не го заслужува тоа.
За тоа дали ќе има промени во раководството на ГЕРБ, Борисов рекол дека има градови каде што резултатите од изборите не го задоволуваат, а целта им била Софија, Стара Загора и Бургас.
За утре е закажана конститутивната седница на новиот состав на бугарското Национално собрание, по изборите на 4 април. Во новиот парламент досега владејачката ГЕРБ има 75 од вкупно 240 пратенички мандати.