Според нив, реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, со традиционално најголема активност во последниот квартал од годината – правило кое, како што посочуваат, секој што ја следи фискалната политика го знае

Буџетот е стабилен и ликвиден, велат од Владата во денешната реакција откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изнесе податоци за состојбата на државниот буџет, предупредувајќи дека до крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за покривање на сите трошоци.
Од Владата во соопштението обвинуваат дека Филипче изнесува неточни податоци за состојбата на економијата и буџетот. Оттаму порачуваат дека иако немаат намера да учествуваат во „евтини политички препукувања“, нивна должност е да ги изнесат фактите.
„Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено“,
се наведува во соопштението.
Според нив, реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, со традиционално најголема активност во последниот квартал од годината – правило кое, како што посочуваат, секој што ја следи фискалната политика го знае.
„Водиме дисциплинирана фискална политика, буџетот за 2025 година е планиран внимателно и со јасна стратегија, со акцент на капитални инвестиции, економски раст и социјална стабилност“,
се вели во реакцијата.
Оттаму додаваат дека во периодот на СДСМ „буџетските дупки се полнеа со непродуктивни задолжувања и јавниот долг беше зголемен за над милијарда евра без видлив економски ефект“.
Во соопштението од Владата велат дека изнесуваат „факти, а не конструкции“.
Проектираниот дефицит за годинава, од Владата велат дека изнесува 41,4 милијарди денари, што е за 3,3 милијарди денари пониско од лани, а досегашната реализација е 36,4 милијарди денари.
За јавниот долг велат дека заклучно со јули изнесува 58,7 отсто, а очекувањата се до крајот на годинава да биде понизок од проектираниот 62,1 проценти.
„Да го потсетиме ли Филипче дека од година за година го надминуваа овој критериум? Да го потсетиме ли Филипче дека во првите месеци од 2025 година, Министерството за финансии исплати еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година од претходната влада?“,
се вели во соопштението.
Исто така, од Владата додаваат и дека заклучно со 14 октомври, капиталните расходи изнесуваат 20,8 милијарди денари, што претставува раст од 17,9 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Во реакцијата од Владата се наведуваат и, како што велат, позитивни трендови во економијата како тоа дека реалниот БДП во второто тримесечје од годинава е пораснат за 3,4 отсто, стапката на невработеност е намалена на историски најниско ниво од 11,5 проценти, а инфлацијата е стабилизирана на четири проценти во септември, со тренд на намалување.
Лидерот на СДСМ денеска на прес-конференција рече дека на 75 дена пред крајот на 2025 година, реализацијата на приходите изнесува 70,78 отсто или 256,5 милијарди денари, додека расходите се на ниво од 72,82 проценти или речиси 294 милијарди денари.
Филипче рече и дека економијата во надолна линија ја влече драматично ниската реализација на капиталните инвестиции.
Тој рече дека наспроти пораките на власта за некакви економски „успеси“ реалноста е дека Светската банка има проекции за пораст на јавниот долг до 62,9 отсто од БДП, но вели дека и на овие бројки државата има скриен долг од 700 милиони евра.