Бучковски рече дека сепак клучното прашање е дали ќе се успее тоа да се постигне до 14 декември
Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски смета дека брзо ќе се пронајде заеднички јазик со евентуалната нова бугарска Влада предводена од Петков и Василев.
„Овој пристап кој го промовира, за волја на вистината е форсиран од македонска страна, од моментот кога јас станав специјален претставник на Владата. Јас наследив веќе подготвената патна карта која ја усогласивме, и каде што се обидувавме преку активностите кои што ги правеше нашето Министерство за надворешни работи, да бидеме многу попрагматични и многу попродуктивни. Кирил Петков вели дека ова е работен процес и не знае работните групи колку брзо ќе се усогласат, а јас знам дека веќе имаме документ кој може да одговори на овие барања, мислам дека брзо би нашле заеднички јазик“,
рече Бучковски во гостувањето на телевизија Телма.
Бучковски рече дека сепак клучното прашање е дали ќе се успее тоа да се постигне до 14 декември и посочува дека има охрабрувачки резултати и дека очекува во Бугарија конечно да има политичка влада и нова стратегија од бугарска страна која би ѝ одговарала на Македонија, но вели дека треба да ни биде јасно оти времето не ни е сојузник.
„Иако денеска даде една изјава претседателот Радев, дека максимално брзо ќе го свика идното Собрание, очекувањата се дека тоа најбрзо може да биде на 24 или 25 ноември. За една недела, на 21 ноември ќе бидат официјалните резултати. Нивниот Устав дозволува тоа да биде и еден месец после изборите, но и тие се под притисок поради тоа долго време што немаа политичка влада, а имаат и други притисоци, пред се таму е исто катастрофална состојбата со коид-кризата“,
рече Бучковски.