Професорот и поранешен специјален владин претставник во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, зборуваше за разговорите со Бугарија кои се воделе кога тој беше дел од истите.
Бучковски тврди дека иако од пред еден месец е разрешен од споменатата позиција, „тој ќе продолжи да работи на каузата“.
„Кога видов дека ни се раздвојуваат размислувањата, сфатив дека нема што многу да помогнам во таквата состојба. Но, јас ќе работам на каузата. Ќе се трудиме да дојде до зближување на двата народи и надминување на сите проблеми кои настанаа од бугарската блокада“,
истакна Бучковски.
Професорот открива и дека пред почетокот на 2021 година сме биле „блиску до решавање на спорот со Бугарија“.
„Тоа беше пред Новата година 2021. Бевме блиску до ставовите со либералниот дел од бугарската влада и тогаш беше планот 5+1. Енигма остана зошто спласна ентузијазмот од наша страна пред изборите кај нас“,
рече Бучковски.
Тој нагласи и дека повеќе не е вклучен во процесот на дијалог, но ќе се обиде да испрати порака, доколку е потребно.
